„Еко-живот“ со иницијатива за спас на Тиквешко Езеро  

Регионалното здружение за заштита и унапредување на животната средина „Еко-живот” од Кавадарци поднесе иницијатива за спас на Тиквешко Езеро до кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и Советот на општината. Советот на Општина Кавадарци ја поддржа оваа иницијатива и донесе заклучок да се соберат сите засегнати страни на локално ниво, да формираат комисија и да изработат материјали за проблемот, па да бараат состанок и мерки за решавање на проблемот од надлежните државни субјекти.

Лошата хидролошка состојба на езерото трае веќе подолг период, а последните врнежи од дожд и снег не помогнале многу за да се подобри таа состојба.

„За да се спречи еколошката катастрофа, потребни се одлучни чекори за борба против климатските промени и коишто ќе го земат предвид негативното влијание врз хидропотенцијалот“, вели Ристо Паризов, претседателот на здружението Еко-живот. Екологистите бараат локалната самоуправа да ги преземе сите институционални мерки за борба против ваквата состојба со езерото, крај кое има околу две илјади викендички.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев при обраќањето во Советот рече дека со Тиквешко езеро се врзани многу моменти. Зборуваше за историјата на езерото, па се’ до различни субјекти што ја користат водата, како и 2.000 викенд куќи, за кои рече дека државата овозможила да се легализираат и имаат право на сопственост.

„Тие вредат повеќе од тригодишно производство на електрична енергија. Ние на луѓето им го обезвреднуваме имотот. Тој имот е регистриран. Може да се направи попис на регистрација на имот, за да се направи проценка колкав е тој имот. 700.000 евра вложуваме во водоснабдителен систем на Брушани, брушанско… Претходните градоначалници, и они вложувале во уредување на Тиквешко езеро. Сме вложувале и на манастирот. И, на крај, очекуваме да се натпреваруваме кој што успеал?! Не (треба така). Да, водоспопанската согласност законски не ја нарушува ХЕЦ Тиквеш, но морално и од општествени одговорности – ја нарушува. Просто кажано, знакот за Скопје е 120, но ако врне снег ќе возам 80. Па, нели се качуваат тие директори на браната за да видат дека отпозади прави пустош?!“, праша тој.

Според градоначалникот сите треба да бидат едногласни и заедно да застанат за да се реши проблемот.

Тиквешкото Езеро е вештачко езеро на Црна Река 12 км југозападно од Кавадарци, односно 3 км јужно од селото Возарци. Езерото е настанато во 1968 година со преградување на кањонот на реката и со изградба на брана висока 104 м. Браната е изградена од нафрлан камен со глинено јадро чија должина изнесува 338 м.

На просторот на Тиквешкото Езеро постојат голем број на археолошки наоѓалишта, населби, манастири и споменици.

Водата од Тиквешкото Езеро се користи за наводнување и за добивање на електрична енергија. Наводнувањето се врши преку хидросистемот „Тиквеш“, а во близина на браната е подигната ХЕЦ „Тиквеш“. Енергетската вредност на акумулацијата со четирите агрегати изнесува 51.8 GW/h, со средно годишно производство од 220 GM/h, со инсталиран проток од 120 м3/sec и инсталирана моќ од 96 MW/h.

Бојан Шашевски