За да се зголеми користењето на обновливите извори на енергија од домаќинствата потребно е усогласување на законските и подзаконските акти со моменталните состојби, гласи заклучокот на последното истражување на „Еко свест“.
Истражувањето кое се спроведувало во периодот од ноември 2022 година до август 2023 опфатило неколку фокус групи со граѓани и споредба на регулативата со државите од регионот за да се пронајдат успешни примери.
Анализата за условите за поставување различни типови на соларни системи на покривите на домовите ја правеле експерти од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ Скопје, Македонското здружение на млади правници, Институтот за економски и енергетски политики и истражувања, Македонската платформа против сиромаштија и Солар Македонија.
„Целта на истражувањата беше да пронајдат слабостите во правната рамка за инсталирање фотоволтаични системи и да се предложат конкретни измени со цел да се создаде овозможувачка околина за зголемено користење на обновливите извори на енергија од домаќинствата – процес кој ќе помогне да се забрза енергетската транзиција во Македонија“, вели Елена Николовска, програмски координатор за клима од „Еко-свест“.
Експертите, како што велат од „Еко-свест“ изработиле и детална техно-економска анализа за исплатливост за домаќинствата од поставување на фотоволтаични, фото-термални и термални системи.
„Постојат сериозни пропусти во правната регулатива, неусогласеност на терминологијата со постоечките расположливи технологии и капацитети и неусогласеност со други релевантни закони и подзаконски акти кои се пречка за граѓаните да ги користат поволностите од обновливи извори на енергија“, соопштуваат оттаму.
Согласно заклучоците, потребно е да се направат измени на Правилникот за обновливи извори на енергија со цел фотонапонските системи да бидат исплатливи и привлечни за домаќинствата и зголемување на вкупната инсталирана моќност на фотонапонските системи за домаќинствата од 6 kW на 9 kW како и да се промени формулата за вреднување на вишокот произведена електрична енергија на начин што откупната цена на вишокот на електрична енергија од фотонапонските систем да биде иста со цената по која домаќинствата ја купуваат електричната енергија од универзалниот снабдувач.
Од Центарот за истражување „Еко-свест“ посочуваат дека клучни измени што треба се се превидат во законот за градење е постапка за поставување на други типови соларни системи како и воведување на обврска за задолжително поставување фотонапонска електроцентрала при изградба на нов објект, односно при реконструкција на објектите.
Според нив системот за субвенционирање на трошоците за сончеви термални колекторски системи мора да се преобмисли особено правилото прв дојден прв услужен.
„Предлагаме доделувањето на надоместокот да се врши по принципот сите лица кои аплицирале и ги исполнуваат условите да добијат надоместок на дел на трошоците во висина пропорционално со предвидените средства со програмата“, упатуваат оттаму.
„Еко-свест“ за ова испратиле и отворено писмо до Владата и институциите со надеж дека нивните препораки ќе бидат земени во предвид, а сѐ со цел да се намалат и ублажат последиците од климатските промени и подобрување на квалитетот на воздух во државата.