Официјално започна постапката за набавка на нови 33 екоавтобуси на гас од германската компанијата „МАН“, кои, според Град Скопје, од идната пролет ќе почнат да сообраќаат по улиците на главниот град.
Според договорот, кој денеска го потпиша Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ќе се набават 21 нископоден автобус со капацитет од 85 патници и дополнителни 12 нископодни автобуси со капацитет од 149 патници. Автобусите се во согласност со Еуро 6 стандардите, а овие типови автобуси се прогласени за екоавтобуси за 2016 година во Европа.
Сепак на новите автобуси граѓаните на Скопје ќе мора да почекаат малку подолго од првично најавеното.
На почетоков на годинава, кога беше потпишан договорот за заем со Европската банка за обнова и развој за новите екоавтобуси, Шилегов изјави дека очекува автобусите да се појават на улиците најдоцна до крајов на годинава. На денешната конференција градоначалникот соопшти дека автобусите ќе се појават на скопските улици најдоцна седум месеци од потпишувањето на договорот.
Сметајќи од денеска, тоа значи дека автобусите најдоцна треба да пристигнат во главниот град до 25 април 2020 година.

ФОТО: Град Скопје
„Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2 што речиси воопшто не го загадуваат воздухот. Пред 7 години беа набавени 202 двокатни кинески автобуси на дизел, кои чинеа премногу, а се со лош квалитет. Автобусите секојдневно се расипуваат. ЈСП има проблем со кинеските автобуси поради непостоење на овластен застапник, а со тоа нема сервисна и техничка поддршка. Новите автобуси се со поголем квалитет, двојно поголем капацитет и најважно, не загадуваат“, рече Шилегов.
Според директорот на ЈСП – Скопје, Кристијан Чушков, една од најзначајните карактеристики на набавката е тоа што во гарантниот период од три години автобусите ќе бидат редовно одржувани, а тој посочи и дека новите автобуси ќе имаат апарати за валидација на најмалку две места во возилото.