Екипа на ТВ 24вести нападната за време на протест во Скопје

На денешниот протест на иницијативата „За заедничка Македонија“ била вербално и физички нападната екипата на телевизијата 24Вести.

„Меѓутоа не дојде до поголем инцидент. Организаторите се оградија од инцидентот со образложение дека било случајно и ненамерно“, информираа од 24Вести.

Претходно и новинарот Огнен Јанески преку социјални мрежи напиша дека по вербалниот напад над колегата Христијан Баневски, од организаторите било кажано дека е ненамерно, особено при обидот за физички напад.

„За потоа, откако снимал инсерти да биде удрен со стап од знаме по тилот од главата, по што од организаторот му било кажано дека човекот што го веел знамето, не знаел како се вее!“, напиша Јанески на Фејсбук.

Ова е втор напад врз новинари за време на протестите на „За заедничка Македонија“ во Скопје, откако новинар и снимател од порталот „А1он“ беа претепани од две лица. Новинарската екипа вечерта на 28 февруари заврши во болница, а насилниците побегнаа. МВР веќе поднесе кривична пријава против едно лице.

По овој напад, и во знак на револт поради зачестените напади врз новинари, ЗНМ на почетоков од месецов ги повика медиумите да не известуваат од насилни протести.

Притоа, апелираа до организаторите и МВР да обезбедат услови за работа на новинарските екипи, но и да сопре говорот на омраза и кампањата за заплашување и замолчување на новинари и неистомисленици на власта.

Фото: Принтскрин од видео прилог на 24Вести