Екатерина Панева: Студентите во Словачка се пасивни бидејќи нема што да се критикува

Штипјанката Екатерина Панева веќе пет години живее и студира во Словачка со помош на стипендијата што ја добила од словачката влада. Таа е на мастер студии на Машинскиот факултет при Техничкиот универзитет во Братислава и вели дека недостигот на креативност и мотивација ја натерало да излезе од шаблонот на македонското образование. Во интервју за Радио МОФ, раскажува за видеото кое го направи за студентскиот живот во Словачка, за предностите и недостатоците на тој образовен систем, но и воопшто за нејзините впечатоци за престојот таму.

Неодамна објави видео насловено „Áhoj! Try to spell it right!“ со кое учествуваш на Интернационален студентски натпревар. Што сакаше да покажеш со него?

Mоето видео e малку предизвикувачки и повикувачки на нешто ново, затоа што го носи чувството кое најмногу ги закочува младите средношколци во момент кога донесуваат одлука за својата иднина, наместо да ги мотивира и турне во непознати води, каде што впрочем и би се научили најдобро да пливаат.

[Видео] Студентскиот живот во Словачка низ призмата на штипјанката Екатерина Панева

На почетокот на видеото се прикажани почетните очекувања на најновата генерација на студенти во јазичната школа во Братислава, а тие неколку секунди оддаваат прекрасен момент на блискост, сплотеност, надеж и топлина на луѓе од најразлични краеви и култури и е импресивно, што нивните очекувања се спојуваат скоро во иста точка. Нов почеток, среќен и полн со предизвици. Токму тоа и сакав да го покажам, убавината на тој нов почеток, и оние болните страни на студирањето далеку од дома, како, далечината од блиските, совладувањето на сосема туѓиот јазик и културолошката разлика која во одредени моменти се силно чувствуваше. Како и да е, видеото покажува дека се е совладливо, и го покажува моментот на неизмерна радост во ден кога соништата ќе се исполнат,  дека е можно и да се дипломира и да се биде опкружен со  пријатели-колеги кои те гледаат како еден од нив и сакаат да ја запознаат твојата различност.

На видеото можат да се забележат уште неколку млади луѓе од Штип. Кое е генерално вашето исксутво како студенти во оваа држава. Што научивте од престојот и комуникацијата со останати студенти од светот и тамошните професори?

Генералното искуство беше и е, дека нашето, барем ете, средношколско образование гради соодветна основа, но, изостанува креативниот дел од образованието, мотивацијата и почитувањето на неформалното образование низ круговите на младите луѓе. Конзервативноста на таквото образование за среќа почна да вродува желба за бегање од шаблонот. Ја имав таа горчлива среќа да бидам средношколец во Македонија во период кога почнаа многу креативни и неформално едукативни простори во Штип, па и во државата да се загушуваат во снопови прашина, затоа што „не ни требаа”. Среќата беше во тоа, што бев опкружена со луѓе кои ќе се пронајдат во некои секвенции на видеото и кои имаа многу интереси и беа спремни да променат нешто.  Тоа што го видов во Словачка пак, она што се случува меѓу младите луѓе и студенти овде, е неподносливата пасивност. Нa почетокот ме разочара многу, но како одминаа годините сфатив дека уживаат во некоја реална студентска бајка и дека можеби, и не наоѓаат причина за критика. Дефинитивно, научив за сталоженост и како да ја скротам балканската крв, за неизмерна трпеливост и истрајност и за дисциплина.

Kои беа првите разлики и потешкотии со кои како средношколка од Македонија се соочи кога пристигна во Словачка за да го продолжиш своето образование?

Прва и основна разлика беше јазичната бариера, но благодарение на организацијата на јазичната школа од која бев дел, бариерата беше веднаш тргната. Околу мене беа луѓе дојдени од Кенија, Мексико, кои воопшто не можеа да го поврзат словачкиот јазик со ништо од она нивното. Бевме сместени во словачки интернат каде комуникацијата со локалните студенти беше неизбежна, што исто така помогна многу, покрај несебичната помош од одличните професори по словачки јазик. Понатаму, за време на официјалното студирање на машинскиот факултет секогаш имав помош кога ми требаше и од колегите и од професорите, кои се познаваше дека се соочуваат со предизвик во кој уживаа, да помогнат и да успеат да едуцираат студент кои на многу наврати во почетокот не ги ни разбираше.

Друга многу воочлива разлика беше темпераментот и нашата „гласност”. Доколку имате некогаш шанса да ја посетите Братислава, ќе сфатите дека станува збор можеби за најтивката метропола во светот.

Трета разлика и несомнено огромна пречка беше нивното игнорирање на англискиот јазик, што на нас, како тотални непознавачи на словачкиот јазик ни отежна многу. Можеби тоа е мојата единствена замерка на нивниот едукативен систем овде, затоа што сметам дека е огромен недостаток на личност од 25 години да не знае да комуницира на англиски. За нас тоа беше донекаде и добредојдено, моравме да го научиме јазикот, иако мнозинството одлично го познаваа и англискиот. 1:0 за странските студенти. Останатите разлики само ми помогнаа да се вклопам што побрзо и поефективно во средината овде.

Кој беше мотивот што те натера да заминеш токму во оваа земја?

Во моментот кога одлучував да го продолжам своето образование надвор од државата, не барав излез по секоја цена од „живата кал”, туку сакав пред се да направам културолошки „апгрејд“ на самата себе, со цел моите делувања во иднина да добијат некоја нова, поширока рамка и секако помасовен и суштински импакт.

Не можев финансиски да го износам теретот на студирање надвор од државата, па затоа навистина многу долго бев во потрага по вистинската можност. Најмногу ми се допадна стипендијата понудена од словачката влада за финансиско покривање на 6 годишни студии, вклучувајќи и прв и втор степен на високо образование и јазично – стручна подготовка за студиите. Еден  услов беше избор на технички факултет, што воопшто не го сметам за ограничување, напротив за правилно насочување и  избор на стеснување на кругот на факултети, затоа што несомнено, тоа е најсоодветната област за едукација на просторите на средна Европа. Другиот услов беше, познавање на словачкиот јазик, кое беше овозможено со понудата за една година едуцирање во јазична школа при Коменскиот Универзитет.

Сакав да го скршам во себе тој стереотип за Братислава и Словачка, грубо изграден после филмот Europe Trip. Ме инспирираше напредокот на Словачка, ме мотивираше новиот почеток и можноста да бидам стипендирана за да научам сосема нов јазик, кој воопшто не ми ни паднал на ум дотогаш.  Сума сумарум, непознатото и потценетоста на убавината на оваа држава за мене претставуваа привлечна област која сакав да ја истражам.

Кои привилегии ги нуди Словачка за студентите од другите држави?

Секој систем има свои недостатоци, но кога би ги споредила недостатоците и предностите кои оваа држава ги нуди на своите, но и на странските студенти, изгледа дека овде студентите се привилигирана класа во општеството. Нешто што најмногу ми остави впечаток овде е тоа што високото образование е тотално бесплатно за студентите кои студираат на словачки јазик и се запишуваат веднаш по завршувањето на државната матура. Без никаков сомнеж, едукативниот систем тука, мислам на државните универзитети, пропратен со останатите државни структури работат во корист на мотивацијата на средношколецот да се потруди да ги заврши барем основните три години. Со ова не мислам само на широко признатата диплома и на поседувањето ISIC карта а со неа и безбројни попусти, туку и на можноста да заработуваат за време на нивното студирање со само едно пријавување во било која од студентските агенции за привремена работа, и нескромно, само еден ден работење може да покрие неделен трошок на просечен студент. Таа можност важи и за странските студенти кои го владеат словачкиот јазик.

Системот за добивање соба во било кој од многу добро уредените студентски домови работи на принцип на собирање на поени, не базирајќи се само на просекот од студиите, туку и на учество во еколошки акции за чистење на околината на интернатите, крводарителски акции, помош во организирање на студентски балови – да, балови, не студентски журки во среда или четврток. Повеќето од интернатите се неодамна реконструирани и добро средени. Топлата вода не е проблем и е достапна во било која доба на денот и секоја соба има посебен туш и вц. Интернетот е смешно евтин, како и членството во спортските центри кои ги има во скоро секој интернат. Цените во сите студентски служби се адаптирани така, да може да си ги доволи секој студент. Минатата година се случи најдобрата работа за словачките студенти, па и за нас странците. Словачката железница овозможи бесплатен воз за секој студент, што беше една од најзначајните реформи во однос на привилигираноста на студентот овде.

Што сметаш дека е потребно да се промени кај нас со цел да се подобри студентскиот живот на македонскиот студент?

Би требало да се применат методи за мотивирање на студентите да станат дел од високото образование, не отварајќи постојано нови факултети, туку да се размислува како да се одржи стандардот на студирањето, а притоа младите да уживаат во одржувањето на својот статус –  студент.

Е.П.