Еден професор предавал 56, друг 70 предмети – клуч за Европскиот универзитет во Брчко

Европскиот универзитетот во Брчко (Република Српска) е затворен откако било утврдено дека еден професор одржувал настава за 56 предмети, а друг за дури 70 наставни предмети. Оштетени се повеќе од илјада студенти.

Еден професор предавал 56, друг 70 предмети - клуч за Европскиот универзитет во Брчко

Поради фактот што универзитетот не ги исполнува условите за работа според важечките прописи од областа на високото образование, универзитетот минатата седмица доби трајна забрана за понатамошна работа, пишува српски Блиц.

Ваквата одлука доаѓа по шестмесечниот управен надзор во текот на кој биле утврдени најтешки повреди на законот. Станува збор за универзитет кој имал околу 1400 студенти, од кои една третина кои дошле од Хрватска.

На студентите овде им била понудена можност за студирање на повеќе општествени насоки, фармација, насока за медицински сестри, санитарно инженерство и стоматологија.

Цените се движеле од девет илјади куни ( околу 1200 евра) за општествените насоки, односно тројно повеќе за една година студии по стоматологија и фармација.

„Универзитетот давал целосно различна настава од онаа за која што имал дозвола, а повеќе од професорите биле ангажирани во наставата шест до седум пати повеќе од дозволеното. Од 60 професори, колку што биле потребни според стандардите за изведување настава, Универзитетот имал вработено само десет, но ниту еден од нив не ги исполнувал законските услови во однос на изборот и звањето“, се наведува во извештајот.

Оттука еден од професорите одржувал настава по 56, a друг по 70 наставни предмети, појаснил шефот на одделението за образование за реонот на Брчко, Момчило Полиќ кој пак додава дека надзорот продолжува и на другите универзитети.

Коментирајќи ја одлуката за забрана на работата, проректорот на Европскиот универзитет во Брчко, Мирко Кулиќ најавил покренување управен спор.

Во меѓувреме студентите се огорчени бидејќи сметаат дека тие се жртви на тековната политика. Порачуваат дека нема да се помират со тоа дека нивниот труд, време и пари ќе пропаднат, па најавуваат дека ќе сторат се за да си ги заштитат своите права.

За состојбата со високото образование во Босна и Херцеговина, неодамна пишуваше Балкан Инсајт во текстот Училиште за скандал: корупцијата го деградира образованието на Балканот.