Училиште за скандал: корупцијата го деградира образованието на Балканот

„Понудата за работа од даночната управа дојде со строг услов: прво заврши факултет. Се чини само најпаметните умови можат да најдат вработување во јавниот сектор во Босна“, пишува во сторијата на Balkan Insight посветена на корупцијата во образованието.

Училиште за скандал: корупцијата го деградира образованието на Балканот

Бев подготвен да вложам дополнителни напори кога се вратив назад на универзитет. Но не очекував да завршам една година од студиите во текот на едно летно попладне.Успеав да го остварам тоа без претходна експертиза во областа од менаџментот, мојата предложена тема. Ми беа потребни само неколку неформални средби договорени по телефон и понуда од неколку илјади евра.

Најдов идеално место од каде можам да добијам квалификации за мојата работа од соништата – монденски приватен колеџ во Република Српска, делот од Босна во кој доминира српското население.

Сопственикот на универзитетот ми понуди скратен пат кон мојата идна кариера, предлагајќи ми да започнам со студиите по менаџмент од втора година, без да ја имам завршено првата.

„Можеме да се потрудиме до октомври да ги исполните условите за запишување во втора година”, рече тој, кога се сретнавме во едно тивко кафуле во Бања Лука, во јули минатата година, далеку од љубопитните очи на јавноста.

Јас истакнав дека имам доволно средства за моето образование, иако сум притиснат од времето. Неговиот одговор беше брз и авторитетен. Чукајќи со прстите на масата, тој ми рече да продолжам со моите прашања со еден колега на кампусот.

Тој ја изложи својата понуда додека се разделувавме. „Ако навистина брзате, можеме на вашиот упис да ставиме некој претходен датум, така што веќе од оваа учебна година ќе фигурирате како студент”, рече тој.

Потоа си замина, согласувајќи се да ги прекрши правилата за мене, врз основа на само два кратки телефонски повици и кафе испиено набрзина.

‘Без протекција’

Се разбира, јас не планирав толку сериозно да им пристапам на моите студии. Ниту, пак, бев сериозен во врска со работата во даночната управа. Всушност, јас веќе работев, како новинар, прибирајќи докази за матните практики во образовниот сектор.

Моето истражување за Балканска мрежа на истражувачко новинарство (БИРН), вклучуваше претставување како потенцијален студент, но и интервјуирање на студенти и наставници низ цела Босна и Србија.

Дознав дека мамењето и плагијатите поминуваат без да бидат контролирани во многу институции, и приватни и државни. Евиденцијата за присуство лесно се фалсификува и студентите често ги подмитуваат наставниците за да си обезбедат добри оценки.

Многу извори сакаа да останат анонимни, стравувајќи за сопствениот углед ако ги критикуваат институциите во кои работат.

Нивната претпазливост беше симптом на проблем што се протега и надвор од границата на академскиот сектор, во судскиот систем.Според повеќето меѓународни индекси, корупцијата е широко распространета во Босна и Србија. Многу малку од пријавените случаи доаѓаат пред суд, а уште помалку завршуваат со пресуда. Во очите на повеќето луѓе, формалните судски постапки за корупција служат само да ја покажат ранливоста на обвинителот и имунитетот на обвинетиот.

Не постои закон за заштита или поттикнување на информаторите во Република Српска. Бошњачко-хрватскиот дел од поделената земја, позната под името Федерација на Босна и Херцеговина, усвои ваков закон во септември, но е премногу рано да се каже дали ќе биде ефикасен.

Ниту Босна, на државно ниво, ниту Србија ги имаат усвоено законите за заштита на правата на информаторите.

Стеван Милиќ, поранешниот претседател на главниот синдикат за образование во Република Српска, се жали дека секој кој пријавува коруптивни практики во системот „може да влезе во поголема неволја отколку оној што е виновен”.

Ивана Корајлиќ, портпаролка на босанската канцеларија на „Транспаренси интернешнл“, глобална организација која промовира добро владеење, вели дека слабите закони овозможиле корупцијата да процвета во академскиот сектор.

„Вработените на Универзитетот не сакаат да зборуваат за тоа. Тие не се подготвени да зборуваат против нивните колеги, бидејќи се плашат од последиците по работното место”, изјави таа за БИРН . „Во меѓувреме студентите се плашат дека професорите ќе им прават проблеми, особено при полагање на испитите”, вели таа.

Корупцијата во високото образование го поттикна „одливот на мозоци”, лишувајќи ги сиромашните економии во регионот од нивните најголеми умови.

Последиците се катастрофални, според Иван Шијаковиќ, професор по социологија на Универзитетот во Бања Лука.

„Образованието е најголемата надеж за малите, неразвиени земји, но ние ја пропуштивме таа можност“, вели тој. „Мислам дека иднината не е светла. Стандардите ќе продолжат да тонат, а младите ќе продолжат да си одат“.

Фалсификувани досиеја

Талентирани студенти, исфрустрирани од девалвацијата на балканските дипломи, се привлечени стипендиите кои се нудат во земјите на Европската унија. Оние кои ги исполнуваат условите за во странство често се во искушение да останат таму.

Назад дома, нивните странски дипломи ќе треба да бидат признаени од страна на некој домашен универзитет, со цел да бидат прифатени од страна на јавниот сектор, кој е сѐ уште најголемиот и најсигурниот работодавач на Балканот.

Процесот е бавен и збунувачки, и често се забрзува само преку неформални, лични контакти. За студентите кои имаат завршено во странство, тоа дејствува како пречка за враќањето дома.

„Тоа е крајната бесмислица”, вели Марија Петровиќ, која се бореше повеќе од осум месеци да ѝ го признаат докторатот добиен на Универзитетот во Оксфорд од страна на Универзитетот во Белград каде што ги завршила нејзините додипломски студии.

„Мојата белградска диплома беше повеќе од доволно добра за Оксфорд”, изјави таа за БИРН, а вознемиреноста беше очигледна во нејзиниот глас. „Но, моите квалификации од Оксфорд не се доволно добри за Белград”.

Во меѓувреме, студентите кои прескокнуваат една година на некој балкански универзитет сѐ уште рутински можат да добијат формален печат на своите биографии за вработување.

Да ги завршев моите студии по менаџмент во Република Српска, мојата диплома би била автоматски признаена во соседна Србија, благодарение на срдечните односи меѓу Белград и Бања Лука.

Во кампусот на приватниот универзитет таа вечер во јули, сопственикот ми договори да се сретнам со лицето задолжено за контакти со студентите.

Ова лице ми рече дека можам да се запишам на универзитетот ако однапред платам школарина за две години, сума од околу 2.500 евра. Најголем дел од приватните институции бараат однапред да се плати школарина за една година.

Службеникот исто така ме замоли да пополнам формулар за запишување, нагласувајќи дека не треба да се пополни полето каде се наведува датумот за прием.

Ако моето запишување се евидентира ретроактивно, како што ми предложи сопственикот во кафулето, во формуларот ќе требаше да се наведе дека сум се запишал на универзитетот во претходната академска година.

Датумот наведен на образецот би требало да биде пред 30 октомври 2012 година, крајниот рок до кога образовните институции ги доставуваат имињата на нови студенти од минатата година до Министерството за образование во Република Српска.

Оставањето на празно поле ќе му овозможи на универзитетот, или било кој друг, да наведе датум на мојот упис.

БИРН побара правен совети во врска со идентификувањето на сопственикот на приватниот универзитет, кој се понуди да ме ослободи од студирањето на прва година. Неговото име и името на неговата институција, нема да бидат објавени поради загриженоста дека случајот нема да биде третиран праведно ако стигне до локалниот суд.

БИРН контактираше со Просветниот инспекторат на Република Српска за практиката на фалсификување на датумите за прием.

Во одговор по електронска пошта, инспекторатот вели дека е свесен за случаи каде што приемот на студенти не бил законски евидентиран, иако не именуваше ниту една институција. Во пораката дополнително се вели дека инспекторатот треба само да ги провери документите кои што ги добива од институциите и не е во позиција да забележи фалсификати.

Велимир Тмусиќ, директорот на Просветниот инспекторат во Србија, исто така, потврдува дека неговата агенција открила случаи каде уписите биле ретроактивно евидентирани.

Тој, исто така вели дека е тешко да се открие оваа практика, затоа што некои училишта имаат два регистри за студенти, еден со вистинските приемни датуми, а другиот фалсификуван за инспекторите.

Ги плаќаат своите студии

Бројот на приватни универзитети во текот на изминатата деценија енормно се зголеми низ цела поранешна Југославија, преплавувајќи го секторот во кој државните институции имаа монопол во ерата на комунизмот.

Школарините на приватните институции се движат од 700 до 5.000 евра во зависност од престижот и студиите.

Студентите плаќаат помалку на јавните универзитети, кои се субвенционирани од страна на државата. Годишната школарина обично не чини повеќе од 200 евра. Сепак, оние кои имаат повеќе пари, може лесно да си ги купат студиите.

„Немаше никаков ризик“, вели „Амел“ поранешен студент кој го подмитил неговиот професор на еден јавен универзитет во Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Зборувајќи под услов да остане анонимен, Амел вели дека се одлучил за мито бидејќи не успеал да се подготви за еден испит кој му бил од пресудно значење. На назначениот ден, тој отишол да полага на универзитетот, знаејќи дека тоа нема да се земе предвид при неговата финална оценка.

„Полагате писмено и можете да напишете сѐ што сакате“, изјави тој за БИРН. Подоцна, вели тој, го решил тестот без да биде надгледуван, во пријатниот амбиент на својот дом.

Тој му го предаде својот втор тест на посредникот, заедно со 1.200 евра во готово. Пополнетиот тест бил пренесен на професорот, заедно со парите, освен малата провизија што ја задржал посредникот.

Овој метод на мамење е тешко да се открие, бидејќи слабиот оригинален тест е едноставно заменет со подобрите одговори. За секој кој ќе го проверува тестот, високата оценка на студентот кој дал мито ќе биде целосно оправдана.

Употребата на оваа техника беше потврдена од страна на „Аида”, исто така, студентка кај истиот професор која зборуваше под услов нејзиното вистинско име да не биде откриено.

„Аида”, раскажува за БИРН како уплатила 800 евра за професорот со цел да ѝ овозможи втор обид за полагање на испитот. Откако паднала на испитот неколку пати, таа вели дека била очајна да положи. „Жал ми е што морав да го направам тоа”, вели таа.

Ниту „Аида”, ниту „Амел” не се подготвени да ги дадат своите изјави пред суд. Нивниот поранешен професор не одговори на повиците на БИРН за коментар.

Деканот на нивниот факултет вели дека е свесен за сличните обвинувања, но никогаш не добил никакви докази со што ќе ги поддржи. „Студентите се подготвени на сите видови на приказни”, раскажува тој за БИРН.

Брзата експанзија на високото образование е придружено со стрмен пад на неговата репутација. Слободниот пазар, во некои случаи, овозможи буквално да се прави пазар со универзитетските квалификациит, каде дипломите може да се купат за пари.

Корајлиќ, портпаролката на „Транспаренси интернешнл“, вели дека студентите во приватните институции често веруваат дека имаат право да ги положат испитите, бидејќи тие платиле повисоки школарини отколку нивните врсници во јавниот сектор.

Во 2012 година, нејзината организација открила дека еден во четири од 2.000 студенти запрашани за потребите на извештајот за високо образование имале искуство од прва рака со корупцијата, или плаќале или им било побарано да платат за да ги положат испитите.

За државните универзитети, исто така, постои сомневање дека ги намалуваат нивните стандарди бидејќи се борат за студенти со приватниот сектор.

„Наместо здрава конкуренција, тие всушност се надополнуваат едни со други во корупцијата”, вели Милош Солаја, член на владиното тело Совет за развој на високото образование во Република Српска.

Целиот тест може да го прочитате на balkaninsight.com

Дино Јахиќ е новинар од СараевоУредник е Нил Арун и овој текст е дел од  Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, иницијатива на фондациите Robert Bosch Stiftung и ERSTE Foundation, во соработка со Balkan Investigative Reporting Network.