Е-спортот стана официјален спорт во С. Македонија

Агенцијата за млади и спорт го призна електронскиот спорт (е-спорт) за официјален спорт во државата.

Директорот на АМС, Наумче Мојсоски, денеска му врачи „Решение за дејност спорт“ на претседателот на Македонската е-спорт федерација (МЕСФ) и генерален секретар на Меѓународната е-спорт федерација, Бобан Тотовски.

„Кога во 2005-та година почнавме со мисијата за официјализација на е-спортот, искрено, не се надевавме дека ќе требаат 17 години. Во ниту еден момент не изгубивме надеж и мотивација да ја постигнеме целта, а тоа е да го официјализираме е-спортот како спорт”, вели Тотовски.

Според него, сега започнуваат вистинските предизвици за развој на македонскиот е-спорт.

Мојсоски, пак, изјави дека му е драго што се согласни за сите услови и предизвици кои ги носат новите времиња.

„Сакам да истакнам дека сите спортови во нашата земја имаат и во иднина ќе имаат силна поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Се обврзавме да бидеме тука за сите спортови така и ќе продолжиме. Ви честитам на успесите кои до сега ги постигнавте, и ви посакувам поголеми успеси во иднина . Го препознавме вашиот талент и силна желба за големи успеси , ви посакувам како млади луѓе да продолжите со истиот ентузијазам и понатака. Заеднички да ги споделуваме сите ваши достигнувања. Ви честитам!“, рече Мојсоски.

Македонската е-спорт федерација (МЕСФ), во изминатиот период работеше на имплементација на спортските стандарди во согласност со Законот за спорт, како и адаптација на внатрешната структура и интерно-организационите процеси.

Таа е 66-та официјално призната е-спорт федерација глобално, а истовремено е и една од 10-те прво формирани е-спорт федерации во светот.

Досега македонски е-спортисти биле дел од 15 меѓународни првенства, а изминатата година се закитија со два златни медали и станаа европски и светски шампиони во CS:GO.

Е-спорт или електронски спорт претставува компетитивно играње видео игри, каде што играчите со употреба на своите ментални и физички способности се натпреваруваат во виртуелна околина.