„Ѕуница фестивал 2021“ – конекција меѓу музиката и уметноста

„Белиот Рај“ кај Миравци е локацијата каде на 21 и 22 август ќе се случува првото издание на „Ѕуница Фестивал 2021“, најавен како настан што ќе постави моќна конекција меѓу музиката и уметноста.

Идеен творец на фестивалот е Моника Јовановска, дипломирана новинарка и организатор на повеќе музички настани во земјава и странство, која вели дека овој уникатен фестивал ќе и понуди на публиката алтернатива за задоволување на потребата за автентичен летен фестивал во прекрасниот јужен предел Миравци. Истовремено, ќе ја потврди и оправда иницијативата на најдобар можен начин.

„Ова ќе биде фестивал кој благодарение на многубројните фанови и најдобрите артисти од локалната, регионалната и светската музичка и уметничка сцена, секоја година ќе се одржува во одлична атмосфера, константно доведувана до еуфорија и ќе претставува единствено искуство исполнето со позитивна енергија. На нашите простори се нема одржано фестивал од ваков тип, каде што уметници од различни возрасти ќе можат да творат во природа, слушајќи музика, и тоа во различен временски интервал, со различна музика позадина, секој музички правец ќе претставува посебен цртеж“, објаснува Јовановска.

Дел од „Белиот рај“

На крај, вели таа, планирано да се разгледуваат уметничките дела и на панел дискусија ќе се разговара за тоа како различните музички правци делуваат врз креативниот процес кај уметниците.

„Преку моите организации организирам музички настани веќе 5 години во Македонија и Малта (каде што живеам), па ете се решив да направам и фестивал на модерна музика и уметност во моeто родно место Миравци, и планирам да се одржува секоја година“, потенцира Јовановска.

Целиот простор ќе биде декориран од Борис Петровски и неговиот деко тим „Afadrenalin“, а местото располага со речни вирови каде посетителите ќе можат да се разладат, да ужуваат во прекрасна природа и широка палета на храна и пијалоци.

Креација на Afadrenalin

Меѓу музичарите е најавен Роботек, поим за автентична и современа електронска музика. Тоа е човекот кој меѓу првите се искристализира како препознатлив артист и продуцент, не само на домашната туку и на регионална сцена. Од неговите Atari почетоци во средината на 90-тите, па сè до софистицираната продукција 20 години подоцна, тој секогаш е оригинален и свој, безмалку легендарен бренд.

Од Србија е најавен – Немања Диниќ – Dinke, диџеј кој со своите музички настапи ги поместува границите на подиумот за танц. Како исклучителен познавач на психоделичниот звук има настапувано на голем број домашни и европски фестивали и соработува со врвни музичари од Србија и регионот.

Андреја Салпе е исклучително талентиран и активен скопски продуцент и диџеј, кој создава и презентира квалитетна модерна музика. Со седиште во Македонија, тој во моментов е дел од две електронски дуа, BarumBarum и Dj Magija, ко-споственик е на PMG Tanz Digital Records, а исто така издава и за „Samo Records“ и за амстердамската етикета „Sinchi Collective“.

Понатаму, ќе настапува и Galactic Explorers, псајтранс проект на македонскиот продуцент и аудио инженер Коки Јовановски, познат кај македонската и светската јавност по својот еуфоричен и кибернетички звук кој секогаш ве носи на ново возбудливо галактичко истражување. Скитајќи низ длабочините на сопствената инспирација, откривајќи нови звучни хоризонти и имплементирање на нови техники за аудио продукција, издава музика за повеќе реномирани издавачки куќи.

Дел од „Белиот рај“

Томи Бојаџи – eтаблиран скопски диџеј, продуцент, дипломиран аудио инженер и клупски промотор кој од рана младост е заљубен во топлиот „vinyl“ звук. Познат е како „луд“ колекционер на плочи, а своите диџејски вештини продолжил да ги усовршува во Прага, 2001 година, каде што останал да живее до 2006 година и имал можност да настапува во едни од најреномираните чешки клубови. Со неговото долгогодишно диџејско искуство и богата музичка колекција, секогаш успева на посебен начин да ја заведе публиката.

Исто така, на музичката агенда ќе бидат Иван Пеев, Меланге, Defect 13th, Morning Delusions и Bad Juju.

Во однос на уметниците, на „Ѕуница фестивал“ се најавени Миле Ничевски, Александар Јанев, Анамарија Митриќеска-Кал’чева, Игор Љубовчевски Љубац, Снегана Мелник, Мирјана Крстева Массетти, Андријана Мациев, Буба Солак, Димитар Солак, Александар Џинго и Ристо Јосифовски Ромбо.

Селектирани музика, односно музички миксови за дневната програма на која ќе цртаат уметниците се од: Горан Кан, In Spirit, Abdy, Мирко Попов и Ален Хаџи-Стефанов

Влезот е бесплатен. Фестивалот е поддржан од општините Гевгелија, Дојран и Валандово.

Бојан Шашевски