„Ѕуница Фестивал“ на 10 септември на Белиот рај во Миравци

„Loomynum Collective“ оваа сабота (10 септември) го организира второто издание на „Ѕуница Фестивал“, кој ќе се одржува на Белиот рај во Миравци, Гевгелија.

„По успешната прва едиција, годинава продолжуваме со исто темпо и ви нудиме уникатна можност заеднички да го испратиме летото и да ги задоволиме вашите апетити за квалитетна музика и модерна уметност“, велат од „Loomynum Collective“.

И оваа година уметници од различни возрасти ќе творат во природа, слушајќи музика, и тоа во различен временски интервал, со различна музичка позадина, а секој музички правец ќе претставува посебен цртеж.

Дел од Белиот рај

„На крај ќе се разгледуваат уметничките дела и на панел дискусија ќе се разговара за тоа како различните музички правци делуваат врз креативниот процес кај уметниците“, потенцираат од „Loomynum Collective“.

Почетокот е најавен од 14 часот, кога уметниците ќе творат во природа со позадинска музика, а потоа од 21 часот ќе стартува и официјалниот музички дел.

„На овогодишната музичка програма ќе имате можност да ги проследите диџеј сетовите на DaMzaH, Oak Tales, Bad Juju, Dinke, Nitha Ati и Salidelic“, соопшти организаторот.

Влезот за фестивалот е 300 денари.