ДЗР: Често именување в.д. директори, нереализирани планови и нетранспарентност во реформата на јавната администрација

Перманентно одложување на носење нови клучни закони, пролонгирање на процесот на реорганизација на државните органи, нецелосна реализација на планираните активности и недоволни кадровски капацитети. Ова се главните недостатоци кои ги утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) при анализата на тоа дали ефикасно се спроведува Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022.

Ревизорите утврдиле дека од планираните 205 активности за реформирање на јавната администрација реализирани биле само 106 активности, односно само 52% реализација.

„Во однос на кадровските капацитети за исполнување на реформските цели утврдени се чести промени, недоволна кадровска екипираност, како и нецелосна реализација на надлежностите на телата одговорни за процесот на реформа и неефикасна вертикална и хоризонтална координација и комуникација на сите учесници во процесот“, посочуваат ревизорите.

Од ДЗР посочуваат дека роковите за донесување на клучните закони за реформи во јавната администрација континуирано се одложуваат. Постапката за Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за високо раководна служба е отпочната во 2019 година и се` уште трае.

Дополнително се нагласува и проблемот со често именување в.д. директори. Од ДЗР велат дека помеѓу 2018 и 2021 година 52% од сите именувани раководни лица се в.д. директори или нивни заменици, чиј избор се врши без објавување на јавен оглас, што влијае врз професионализацијата и ја намалува отчетноста на постапката за избор на раководните лица во институциите.

Од ДЗР утврдиле и дека Советот за реформа на јавната администрација, како највисоко политичко тело за координација на активностите, одржал само седум состаноци во период од четири години. Последниот состанок се одржал во јули 2021 и оттогаш, до крајот на 2022 година не била одржана ниту една нова седница.

Ревизорите предупредуваат и на тоа дека не била остварена транспарентност, отчетност и следење на потрошените финансиски средства од буџетот на државата, како и тоа дека не била извршена целосна оценка на ефикасноста на процесот на реформата.

Целосниот ревизорски извештај може да го најдете на следниов ЛИНК.