Џастин Ројланд, едниот од креаторите на ликовите на Рик и Морти веќе нема да е дел од серијалот

Џастин Ројланд веќе нема да го позајмува својот глас на ликовите Рик и Морти од истоимениот анимиран ситком „Рик и Морти“, откако беше обвинет за семејно насилство во округот Оринџ.

42-годишниот Ројланд, како што пренесе „Гардијан“ се изјаснил како невин и во моментов чека да се одржи судењето откако беше обвинет за тешка телесна повреда и киднапирање под измама, насилство и закани. Овие обвиненија се однесуваат на случај во 2020 година против неидентификувана жена со која Ројланд живеел и се забавувал во тој период.

Адвокатот на Ројланд претходно месецов изјавил дека не само што Ројланд е невин туку и очекуваат обвиненијата да се отфрлат откако канцеларијата на окружниот обвинител со методски пристап ќе ги прегледа доказите.

Џастин Ројланд и Ден Хармон се двајцата единствени креатори на научно-фантастичниот ситком за лудиот научник и неговиот внук чии гласови ги толкуваше Ројланд.

Откако серијалот стана голем хит, дистрибутерот „Adult Swim“ нарача дополнителни 70 епизоди во 2018 година, што стикомот го доведе до својата 10-та сезона. Шестата сезона заврши со емитување во декември минатата година.

Заменик претседателката за комуникации на компанијата „Adult Swim“, Мари Мур вчера изјавила дека дистрибутерот официјално ја прекинува соработката со Џастин Ројланд.

Според извори на „Холивуд репортер“, Ројланд ќе ја задржи позицијата како ко-автор на серијалот, но Хармон ќе остане единсвтен водител.

Датумот на судењето сè уште не е дефиниран, но сослушувањето е закажано за 27 април годинава.