Две лица обвинети за дивите платформи на Матка

Јавното обвинителство поднесе обвинение против две лица за кривично дело – Узурпација на недвижности, согласно член 225 став 1 од Кривичниот законик, во врска со дивите платформи поставени на кањонот Матка.

„Првиот обвинет, 39-годишен жител на Глумово, како трговец-поединец кој врши дејност за патнички воден транспорт, на точно неутврден датум  со намера заземал во владение туѓа недвижност што е со пропис прогласена за споменик на природата. Имено, на катастарска парцела на брегот на езерото Матка поставил дрвена платформа со вкупна површина од 120 м2 со метална конструкција, над која изградил објект од цигла и дрво со површина од 49 м2. Вториот обвинет, 25-годишник од Глумово, делото го сторил така што на пет катастарски парцели исто така на брегот на езерото, поставил дрвена платформа со метална конструкција и со површина од 189,54 м2, на која изградил времен објект со површина од 187 м2“, соопштија од Обвинителството.

Според Кривичниот законик, за делото „Узурпација на недвижности“ казната се движи од парична до затворска казна од три години.

Во јуни, Обвинителството ја отфрли кривичната пријава за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење што Антикорупциската комисија (ДКСК) ја поднесе против градоначалникот на Сарај во однос на дивите платформи.

Еко-активистите досега на неколку пати реагираа дека кањонот Матка е прогласен за Споменик на природата уште во 1994 година, па побараа од властите да го заштитат ова подрачје од било какви градежни активности.

Во членот 76 став 3 од Законот за природа пишува дека во спомениците на природата и во нивната непосредна близина не се дозволени активности кои ги загрозуваат нивните обележја и вредностите, заради кои се прогласени за споменици на природата.