Два смртни случаи на Инфективната клиника, 46 новозаразени лица со коронавирусот

На Клиниката за инфективни болести во Скопје денеска починаа двајца пациенти, од кои едниот е на 68-годишна возраст кој имал и други болести и кој се лекувал на Клиниката од 29 март, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Другиот пациент е од Куманово, на возраст од 70 години со тешка форма на воспаление на белите дробови, за кого се очекуваат резултатите на коронавирусот.

Во изминатите 24 часа регистрирани се 46 нови случаи на коронавирус во државава, односно по градови, 23 случаи се во Куманово,  13 во Скопје, по два во Дебар, Тетово, Велес и Гевгелија и по еден случај во Прилеп и Гостивар. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 изнесува 430 лица. Досега во државава се направени 4.506 тестирања на Ковид-19, од кои во изминатите 24 часа имало 389 теста.

Моментално на Инфективната клиника се хоспитализирани 67 пациенти, од кои десет од нив имаат тешка форма на манифестација на болеста, додека другите пациенти се со лесна, односно средна форма на клиничка слика. Таму, денеска се испишани и тројца пациенти кои имале два негативни теста, а се во добра здравствена состојба и заминуваат дома.

Од новопотврдените случаи денеска, во кумановската болница има 11 случаи на коронавирусот, соопшти Филипче.

„Оваа бројка во овој момент ја компромитира работата на инфективното одделение, заради тоа што и претходно имаше еден од останатите здравствени работници, претходно дијагностицирани. Поради тоа упатени се двајца доктори од денeска, еден доктор од Скопје и еден од болницата во Штип, кои што ќе ја организираат и оддржуваат работата на ова исклучително важно одделение во овој момент во тој регион“, појасни Филипче.

Тој додаде дека се уште траат епидемиолошките анкети бидејќи има повеќе позитивни лица уште од две одделенија во кумановската болница, одделението за рентген дијагностика и во делот од општите лекари кои ја покриваат дежурната служба. Потоа, врз основа на тие епидемиолошки анкети и според бројот на лица кои ќе треба да останат во самоизолација, ќе се реорганизира и останатиот дел од болницата.

На Инфективната клиника во Скопје исто така има лице кое е позитивно на коронавирусот, односно се работи за медицински техничар кој има клиничка слика на воспаление на белите дробови.

„Направена е и семејна и помеѓу вработените епидемиолошка анкета, и согласно тоа ќе се постапи за да се организира делот на работата во одделението каде што работел во рамките на клиниката. Единствено од семејството, сега детално се разговара и со сопругата, за да се анализираат и евентуални дополнителни контакти“, објасни Филипче.

Владата на Република Северна Македонија денеска донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето, односно полициски час во Општина Куманово за време на викендот. Забраната ќе започне од вечерва во 21, а ќе трае до понеделник во 5 часот. Во работните денови, од понеделник до петок, забраната ќе важи секој ден во периодот од 16:00 до 05:00 часот.

Целосна забрана на движење викендов во Куманово

М.К.