Државните инспектори не виделе обојување на отпадните води во Вардар, ниту е пријавена хаварија

Државните инспектори на терен не виделе обојување на отпадните води кои се влеваат во реката Вардар, а нема ниту пријава за хаварија, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина.

Повторно пожолте реката Вардар кај Долно Лисиче, инспекторите се на терен

Велат дека по добиена дојава за обојување на водата во река Вардар кај мостот „Близнаци“ денеска веднаш излегле на терен. При тоа, била направена инспекциска контрола во двата правни субјекти,  Либерти Скопје (поранешно Арцелор Митал) и Макстил АД, кои се наоѓаат во комплексот на бивша Желазара и за кои инспекторирањето е во надлежноста на Државниот инспекторат за животна средина.

„Направен е комплетен увид, како и контрола на пречистителните станици на двата правни субјекта. Увид е направен и на местото каде колекторот се влева во реката Вардар и од таму се земени мостри кои ќе се дадат на ализа во акредитирана лабораторија. Инаку, ниту Либерти Скопје, ниту Макстил АД немаат пријавено било каква хаварија, а при увидот во пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води“, стои во соопштението од ДИЖС.

На социјалните мрежи денеска се споделуваа фотографии направени утрово од течението на реката Вардар кај Долно Лисиче, каде се гледа невообичаена жолто кафеава боја на водата. Од Инспекторатот на Град Скопје, со поставување фотографии на нивниот ФБ профил информираа дека исто така излегле на терен и земале мостри од водата за лабораториска анализа.