Државeн ревизор: Изминатите три години не се постигнати посакуваните ефекти за аерозагадувањето

Државниот завод за ревизија објави извештај „Квалитет на воздухот – кооперативна ревизија“, во кој констатира дека проблемот со аерозагадувањето во земјава бара системски пристап на подолг рок од сите засегнати страни – институции, локална самоуправа, приватен и граѓански сектор.

„Со преземените активности во последните три години, иако претставуваат позитивен чекор, не се постигнати посакуваните ефекти за намалување на загадувањето на воздухот. Надзорот и контролата се на ниско ниво, а се’ уште многу мал дел од буџетските средства н централно и локално ниво се издвојуваат за реализирање на мерките содржани во планските документи, поради што истите во најголем дел остануваат неспроведени“, се вели во извештајот од јануари 2021, за степенот на имплементација на препораките на ревизорите од 2017.

Учеството на инвестициите и трошоците за заштита на воздухт во БДП во периодот 2017-2019 е намалено во однос на претходните години и изнесува 0,03%, а во однос на вкупните инвестиции и трошоци за животната средина изнесува 2% за 2017 и 2018, односно 2,6% за 2019.

Од „02 Иницијатива“ го коментираат извештајот и велат дека малиот буџет, кој се издвојува за борбата против загадувањето, е причина што и понатаму просечните годишни концентрации на ПМ10, во голема мера ги надминуваат утврдените гранични вредности во сите мерни станици, освен станицата во Лазарополе.

Проблем е недостигот на стручен и компетентен кадар.

„Мониторингот над имплементацијата на мерките во планските документи се врши нередовно и нецелосно, односно ад хок и по барања од ЕУ, медиумите и граѓанскиот сектор. И понатаму, не е обезбедена целосност на податоците за Катастарот на загадувачи од причина што повеќе од 50 % од операторите кои поседуваат А и Б интегрирани еколошки дозволи немаат доставено податоци“, стои како коментар на „02 Иницијатива“ за извештајот.

Од вкупниот број надзори во 2017, 2018 и 2019 година, и понатаму незначителни 1%  извршени се по Законот за квалитетот на амбиентниот воздух.

Препораката е да се зајакне административниот капацитет, да се донесат законските решенија за квалитетот на амбиентниот воздухот и инспекцискиот надзор во животната средина, да се воспостави Национален информативен систем за животна средина и целосна база на податоци за Катастарот за животна средина, систем за подготовка и следење на планските документи и обезбедување на потребните финансиски средства за нивна реализација.