Државен студентски дом: Има парно во „Кузман“, лифтот ќе биде поправен

Има парно во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, тврдат од Државниот студентски дом „Скопје“, кои доцна синоќа испратија одговор на прашањата на Радио МОФ за проблемот со греењето во домот.

„Државниот студентски дом „Скопје“ информира дека греење во студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу има и тоа може леснo да се провери доколку ја прифатите нашата покана да не посетите. (Истото се однесува и на прашањето дали има топла вода во Гоце Делчев). Студентскиот дом КЈП има сопствен систем за парно греење, функционира одлично и има доволни количини на мазут“, стои во нивниот одговор.

Како што беше објавено, новинарката од Радио МОФ вчера претпладне го посети домот „Кузман Јосифовски Питу“ каде можеше да се забележат ладните радијатори, а дека има проблем со парното во машкиот дел од домот потврдија и студентите. И без поканата од Државниот студентски дом „Скопје“, екината на Радио МОФ го посети студентскиот дом „Гоце Делчев“ на чии огласни табли стоеја листови во А4 формат каде пишува дека поради дефект на рециркулациона пумпа и бојлерите нема топла вода во одредени блокови.

За проблемот со расипаниот лифт во „Кузман“, од Државниот студентски дом „Скопје“ пак информираат дека „во моментов се работи на набавка и замена на потребните потрошни материјали/делови“.