Дозволи за движење во полициски час за лицата со попреченост, со придружник

Лицата со попреченост и нивни придружнци, ќе може да се движат надвор во период од 19:00 до 20:00 часот, од понеделник до петок, а во деновите на викенд, од 11:00 до 13:00 часот.

Владата на денешната 38-ма седница на предлог на Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика дозволи посебен режим на движење за лицата со попреченост.

„За овие наши граѓани нема да важи забраната за движење во периодот од 19:00 до 20:00 часот, од понеделник до петок, а во деновите на викенд од 11:00 до 13:00 часот. Оваа мерка за дозвола на движење за лицата со попреченост се однесува и на лицата што ги придружуваат овие граѓани за време на дозволеното движење во наведените временски периоди“, стои во соопштението од Владата на Република Северна Македонија.

Од денеска, полицискиот час за сите граѓани почнува од 16 часот. Се забранува движењето за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден. За лицата над 67 годишна возраст е дозволено движење само од понеделник до петок во периодот од 10:00 до 12:00 часот, а за млади до 18 години само од 13:00 до 15:00 часот.

За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник. Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца. Полицискиот час се воведува со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус од кој се заразени над 600 лица во земјава.

Домашните миленици добија „излез“ за време на полицискиот час