Домашните миленици добија „излез“ за време на полицискиот час

За време на полицискиот час, дозволено е сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче), од понеделник до петок да може да ги изнесуваат надвор од своите домови, во вечерните часови во времетраење од 30 минути, почнувајќи од 20:00 часот до 20:30 часот, соопштија од Владата, доцна вечерва.

Во деновите сабота и недела, дозволено е изнесување на милениците наутро од 8:00 часот до 8:30 часот, попладне од 15:00 часот до 15:30 часот и во вечерните часови од 20:00 часот до 20:30 часот.

Дозволата се однесува за растојание најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.

Притоа, порачаа од Владата, граѓаните да го задржат минимум потребното растојание од останатите лица и да не се групираат.

Од среда, 8 април, Владата го „затегнува“ полицискиот час со кој се забранува движењето за сите граѓани на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.

Дополнително, За лицата над 67 годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот.

За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот.

За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16:00 часот до 05:00 часот во понеделник.