Доста беше молк – Студентите побараа поддршка од ректорот против екстерното

„Образованието е право, не привилегија“, „И вашите деца (ќе) студираат!“, „Не го силувајте образованието, и така е истрауматизирано“, се дел од транспарентите со кои стотина студенти денеска застанаа пред Ректоратот на универзитетот „св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) изразувајќи го своето несогласување против предлогот на Министерството за образование и наука за екстерното тестирање на факултетите.

Студентите ја критикуваа незаинтересираноста на Студентскиот парламент при УКИМ и на професорите што се членови на универзитетскиот Сенат кому им ги упатија зборовите „дајте ни поддршка“.

Тие, исто така критикуваа што на вчерашната конференција организирана на тема екстерното тестирање, на којашто присуствуваше и министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, не се појавил ниеден претставник од УКИМ.

Откако студентите почнаа да извикуваат „Кога ќе нè прашате“ и „Доста беше молк“, двајца студентски претставници беа повикани на разговор кај ректорот Велимир Стојковски.

Доста беше молк - Студентите бараа да се покрене прашањето за екстерното тестирање пред ректоратот на УКИМ

Наместо да присуствуваат на седницата на сенатот, ректорот ги прими во својата канцеларија. По барање на студентите, тој даде изјава во која го кажа моменталниот став на УКИМ.

„Ниту универзитетот УКИМ, ниту некој друг универзитет има добиено официјален допис од Министерството. Ние се обративме до министерството да ни го достави предлогот во писмена форма, штом ќе го добиеме преку јавни дебати ќе дебатираме заедно со сите засегнати органи. Не можеме да дадеме мислење за нешто што не сме го виделе. Ќе расправаме во присуството и на студентите и на нивните преставници и ректорите“, изјави Стојковски пред присутните студенти.

Доста беше молк - Студентите бараа да се покрене прашањето за екстерното тестирање пред ректоратот на УКИМ

Студентката Марија Мирчевска смета дека студентските парламенти нема да ја завршат својата работа, но дека студентите се доволни мотивирани за да продолжат.

„Сметам дека има енергија и сметам дека во моментот кога студентите се самоорганизираат и меѓусебно отвораат дискусии како што беа првата и втората средба, дека може да се создаде критична маса и јас верувам, дека кој било од студентите да го прашате зошто не се согласува со екстерното тестирање дека ќе може аргументирано да ви одговори“, изјави Мирчевска.

Доста беше молк - Студентите бараа да се покрене прашањето за екстерното тестирање пред ректоратот на УКИМ

Студентите од автентичната студентска иницијатива „Студентски пленум“ која што се развиваше во текот на двете студентски средби, велат дека не се откажуваат и истакнуваат дека треба постојано да се врши притисок за законот да не биде изгласан зад затворени врати. Следната средба на Пленумот е веќе најавена за во вторник, на Архитектонскиот факултет.

Е. П.