Досега 52 здравствени работници се заразени со коронавирусот, вкупната бројка се искачи на 555 лица

Досега 52 здравствени работници се заразени со коронавирусот, од кои 34 се заболени во болнички услови, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој додаде дека регистриран е уште еден смртен случај од Ковид-19, а се работи за лице од Куманово од болницата „8-ми Септември“, кој се покажал позитивен на вирусот на први април. Во текот на денешниот ден, беше соопштено дека од вирусот почина и маж од Лабуништа на 63-годишна возраст кој имал бројни коморбидитети.

Министерот соопшти дека на утринскиот состанок со Комисијата за заразни болести било констатирано дека државата влегува во втората фаза на епидемијата, а тој најави дека можно е да биде предложено до владата и зајакнување на мерките за превенција од ширењето на вирусот.

„Бројот на заболени во деновите, неделите што се пред нас, дополнително ќе расте, се уште остануваат прогнозите пикот на болеста да биде на крајот на април и некаде очекуваме околу 2.000 пациенти, иако многу фактори влијаат на овие предвидувања“, порача Филипче.

Од вчера во функција е ставена и болницата „8-ми Септември“, која досега беше наменета за пациенти кои беа сомнителни или позитивни на коронавирусот, а на кои им беше потребна друга здравствена услуга.

„Тоа сега се уште останува така, но веќе почнува, доколку треба да се користат и креветите на располагање под контрола на интернистите и инфектолозите, за хоспитален третман, доколку е потребна помош на персоналот на Клиниката за инфективни болести. Таму на клиниката се на располагање 110 кревети, дополнителни 130 од мобилната болница, а во болницата „8-ми Септември“ вкупно 400 кревети“, појасни Филипче.

Министерот соопшти дека целосно е активиран и механизмот за поддршка на здравствените работници од лекари и медицински сестри од клиниките и од другите јавноздравствени установи ширум државата.

Тој додаде дека е спремна и болницата во Битола, каде има анестезиолози, инфектолози и медицински сестри.

„Еден целосно и физички одделен дел да биде и регионален центар за пациентите кои што доаѓаат од тој дел на земјата. Има и респираторни машини, значи има и места за интензивна нега, во овој момент вкупната бројка на кревети е 35, со можност да порасне до 100, во зависност од бројот на пациенти има предвид за прогресија и за земање на други делови од болницата во Битола“, рече Филипче.

Во однос на наменската сметка за донации, министерот информираше дека досега се пристигнати околу 500.000 евра кои ќе бидат наменети за снабдување со опрема или материјали во врска со третман на овие пациенти.

„Ние најавивме и веќе ќе ја објавиме листата на донаторите, веќе донираа и опрема како респиратори, рентген апарати, бронхоскопии, маски итн.. се што е потребно за третман на овие пациенти, блиску милион парчиња на заштитна опрема, како и потребните лекови, кои соодветно после индикација се даваат на пациентите“, посочи Филипче.

Оваа недела ќе се повтори и постапката за набавка на респираторни машини, со што сега би се дало предност на времето во кое тие би пристигнало во земјата, рече Филипче, појаснувајќи дека тоа ќе помине по стручното мислење од страна на анестезиолзите кои се експерти во работата со овие машини.

Од Инфективната клиника денеска заминуваат тројца пациенти кои имале два контролни негативни теста, а Филипче додаде дека се чекаат дополнителни тестови за уште четворица пациенти, за кои доколку тестовите се негативни по втор пат, утре ќе бидат пуштени дома, во добра општа состојба.

Во изминатите 24 часа, пак, регистрирани се нови 72 случаи, односно најмногу случаи се регистрирани во Куманово. Со ова, бројката на заразени се искачи на 555 лица.

Министерот пак, апелираше граѓаните максимално да ги почитуваат мерките, а физичките контакти да ги сведат на минимум и граѓаните да се штитат од секоја, како што рече, ризична комуникација или движење. На здравствените работници, пак, им порача максимално да се почитуваат протоколите кои биле определени уште од почетокот на пандемијата.

„Да се штитат на работните места, но и надвор од работните места. Тоа значи дека треба да се пазат постојано, заради тоа што улогата на здравствените работници, здравјето на здравствените работници е од примарно значење во овој момент во државата“, посочи Филипче.

Нови 72 заразени со коронавирусот, почина уште едно лице на 63-годишна возраст