Нови 72 заразени со коронавирусот, почина уште едно лице на 63-годишна возраст

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина маж од Лабуништа на 63-годишна возраст кој бил донесен со тешка клиничка слика, информираат од Министерството за здравство.

Дополнително, од таму соопштуваат дека во изминатите 24 часа се регистрирани нови 72 случаи на коронавирус во државава. Односно, по градови најмногу нови случаи има во Куманово, каде се регистрирани 21 случај, во Скопје има нови 14 позитивни лица, 12 случаи во Тетово, девет случаи во Прилеп, седум случаи во Кочани, по два случаи во Крушево и Битола и по еден случај во Струга, Велес, Гостивар, Радовиш и Штип.

Од Инфективната клиника денеска заминуваат тројца пациенти кои имале два контролни негативни теста.

„Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 74 пациенти, 15 со тешка клиничка слика, 11 на механичка вентилација, другите пациенти се стабилни“, соопштуваат од МЗ.

Со новите случаи, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во С. Македонија денеска се искачи на 555 лица.

„Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во: Скопје – 235, Куманово -114, Дебар – 49, Прилеп –33, Тетово – 29, Струга – 24, Штип-19, Кочани – 14, Велес – 10, Битола – 6, Гостивар – 4, Гевглелија – 4, Охрид – 3, Радовиш -3, Кавадарци –2, Струмица – 2, Крива Паланка- 2 и Крушево – 2“, соопштуваат од МЗ.