ДОМ: Прифатен амадман за дополнителни 5 милиони денари за акредитација на централната лабораторија

Едногласно беше прифатен амандманот на Буџетот, поднесен од пратеничките на ДОМ, за дополнителни 5 милиони денари за акредитација на централна лабораторија. Поддршка дадоа министерката за финансии Нина Ангеловска, како и членовите на Комисијата за финансирање и буџет од мнозинството и од опозицијата, соопштуваат од ДОМ.

Со овие средства, велат од таму, конечно ќе се реализира повеќегодишното барање за ставање во употреба на централната лабораторија во Министерството за животна средина.

„Во неа беа веќе вложени средства за техничка опрема и стручен кадар, но беше надвор од употреба и се користеа услуги на неколку приватни акредитирани лаборатории. Ова со право оставаше сомнеж во причините за недовршување на процесот на акредитација на една државна лабораторија, која ќе биде контролор на испитувањата за загадување од индустриските капацитети и од други извори. Со ова, ќе се отстранат сомнежите за можни непринципиелни договори помеѓу одредени индустриски инсталации, приватни акредитирани лаборатории и претставници од институциите“, велат од ДОМ.

Според ДОМ, посебно значајна ќе биде за инспекторите за животна средина при вршење инспекциски надзор.

„Ова ќе придонесе за поголема независност и објективност на инспекциските контроли, а со тоа и поефикасна заштита на животната средина и здравјето на граѓаните“, соопшти ДОМ.

Радио МОФ веќе пишуваше за проблемот со државната централна лабораторија, која одамна постои, но таа не е акредитирана за ниту една метода согласно меѓународниот стандард за лаборатории ISO17025. Додека не се акредитира, таа е неупотреблива. Со тоа, нема соодветен контролен механизам за загадувачите во најзагадените градови во Европа. Инспекторите моментално мораат да ангажираат комерцијална акредитирана лабораторија (УГД Штип, Фармахем“, „Технолаб“, „Еуромак контрол“).

Владата и претходно, уште на седница на 13 март 2018 година го задолжи МЖСПП да обезбеди близу 5,5 милиони денари во Буџетите за 2018 и 2019 година, за да се исполнат сите предуслови за акредитација на Централната лабораторија за животна средина и Калибрационата лабораторија на воздухот. Сепак, централната лабораторија досега не е акредитирана. Ниту се издвоени потребните пари, единствено беше набавена специјална вага.