Додавање на бројот на калории во менијата може да спречи илјадници смртни случаи, тврди нова студија

Доколку во менијата во рестораните се додадат ставки за бројот на калории на храната, тоа може да спаси илјадници животи и милијарди долари во здравството, покажува нова научна студија.

Истражувањето истовремено утврдило дека законот во САД од 2018 година, со кој на големите ресторани и ланци за фаст-фуд храна им се наложуваше да го прикажат бројот на калориите во нивните менија веќе покажува резултат, намалувајќи го бројот на калории кои луѓето ги внесуваат преку храната за 20 до 60 калории по оброк.

Дополнително студијата покажува дека ова помало внесување калории би можело да спречи повеќе од 28.000 случаи на рак поврзани со гојзаност и 16.700 смртни случаи во текот на животниот век на луѓето во САД. Заштедите за здравствената инфраструктура и општеството би изнесувале вкупно 2,8 милијарди долари.

Претходни научни студии покажаа како оваа политика може да спречи голем број на кардиоваскуларни болести и дијабетес тип 2 помеѓу американските граѓани, но досега не биле утврдени здравствените и економските последици од раковите поврзани со гојазноста.

„За нас е важно да продолжиме да им покажуваме на потрошувачите, носителите на одлуки и индустријата како мали промени можат да водат кон големи придобивки. Нашето истражување сугерира дека овие ставки во менијата може да се поврзат со големи здравствени подобрувања и заштеди на здравствените трошоци поврзани со лекување рак, кои можат да се дуплираат со дополнителни активности од индустријата, како замена на висококалоричните видови храна во менијата со опции кои се помалку калорични или преку промена на рецептите“, објаснува Менгџи Ду, водечката авторка на истражувањето која е на докторски студии по нутритивна епидемиологија на Универзитетот Тафтс во САД.

Студијата, објавена во списанието „БМЏ Опен“, проценува дека најголеми придобивки би имале луѓето на возраст од 20 до 44 години – група кај која се забележува диспропорционален раст на раковите поврзани со гојазност.

Научниците, сепак, велат дека има уште многу работи кои треба да се променат за луѓето од сите социјални категории да имаат придобивки од оваа политика на прикажување на калориите.

„Луѓето со повисоко образование се свесни за информациите во менијата и како да ги сфатат, но треба да вложиме поголеми напори во едуцирање на оние кои имаат ниски примања и заедниците во ризик, бидејќи во спротивно ќе гледаме големи разлики помеѓу овие групи“, додава Ду.

Во Европската Унија засега не постои обврска за означување на бројот на калориите во менијата во рестораните. Единствена држава која дојде блиску до воведување ваков закон беше Ирска, каде ваквата политика се разгледува уште од 2015 година, но оттогаш Владата се има повлечено од носење закон.

Во Англија постои обврска за означување на калориите во менијата од 2022 година која е задолжителна за кафетериите, рестораните и продавниците за брза храна со 250 или повеќе вработени. Ваква политика се разгледува да се донесе и во Шкотска и Велс.