Доцни листата со туристички објекти каде може да се престојува со ваучер, од Економија ја најавуваат за утре

„На платформата Domasiedoma.gov.mk до 5-ти јули ќе бидат објавени сите даватели на туристички услуги кои се пријавиле да бидат дел од програмата. Граѓаните ќе може лесно да ги видат сите достапни капацитети и да одберат каде сакаат да го искористат својот ваучер“.

Ова стои на насловната страна на платформата „ДОмаСиЕДома“, преку која се доделуваат ваучерите за туризам од 6000 ден, најавени како поддршка за граѓаните и домашниот туризам, кој е срозен поради појавата на новиот коронавирус.

Oд Министерството за економија, доцнењето на листата го правдаат со неопходната обработка на податоците.

„Во врска со објавување на листата ве известуваме дека сѐ уште се обработуваат податоците од пријавените субјекти, со тоа што истите угостителски објекти е потребно да ја комплетираат регистрацијата со дополнување на податоците за што сме во комуникација со нив. Листата би требало да се објави во текот на утрешниот ден“, велат од Министерството.

Оттаму појаснуваат дека по објавувањето на листата, граѓаните ќе имаат можност сами да извршат резервација или да резервираат преку туристичка агенција.

„Доколку резервираат сами, од платформата ќе се информираат за угостителкиот објект и директно ќе треба да се јават во хотелот или приватното сместување со цел да се информираат за понудата, цената и слободен термин во одреден објект, а исто така ќе може да контактираат туристичка агенција која ќе нуди аранжмани со ваучери и да извршат резервација преку туристичка агенција“, дополнуваат од Министерството.

Според најавите, вкупно 117.122 граѓани добија ваучери за туризам на нивните електронски адреси со што почна да се реализира мерката за развој на домашниот туризам. Меѓу нив и 35-годишниот Златко, кој во екот на кризата со коронавирусот остана без работа, па затоа и му беше доделен ваучерот.

„Добив ваучер за одмор од 6000 денари, плус картичка за домашни производи од 3000 денари. Картичката веќе е потрошена, ама за ваучерот се уште нема никакви информации. Со семејството би сакале да одиме на некое од езерата, ама се зависи од понудите, и од парите“, вели  Златко.

Тој, за разлика од многумина, повторно бил повикан на работа, па затоа вели дека има можност да издвои дополнителни средства за семеен одмор.

„Само со ваучерот од 6000 денари, тоа е скоро невозможно“, дециден е тој.

Ваучери за туризам во износ по 6.000 денари добија граѓаните кои имаат нето месечни приходи од најмногу 15 илјади денари, или кои во периодот од јануари до април имале вкупни приходи до најмногу 60 илјади денари. Овие ваучери ќе може да се искористат од 15 јули до 15 декември годинава во определени објекти кои ќе се регистрираат за оваа намена на платформата. Ваучерот ќе треба да се испечати и ќе може да се искористи еднократно.

#ДомаСиЕДома: По германското, и француско езеро се најде на ваучерите за домашен туризам

Ј.Ј.