Доцнат резултатите од студентски стипендии, МОН ги најавува до петок

„Иако беше предвидено на 13 јануари да се објават резултатите од стипендиите на МОН, тоа се уште не е направено на нивната страна“, се пожали студент преку копчето „Пријави проблем“ на Радио МОФ.

Како што стои на објавата на сајтот на Министерството за образование и наука, резултатите од Конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, требаше да бидат објавени минатата недела.

Од МОН за Радио МОФ велат дека се свесни за доцнењето. Се правдаат дека добиле огромен број пријави и најавуваат дека до крајот на неделава, ќе има резултати.

Доцнењето со објавувањето на студентските стипендии е честа пракса на МОН. Лани, објавувањето на резултатите доцнеше цел месец.