„Доаѓаме со поклон“ – самостојна изложба на Шејла Камериќ на 27 септември во Скопје

На 27 септември (вторник) во „Чифте Амам“ во Скопје, во 19 часот ќе се отвара изложбата „Доаѓаме со поклон“ на познатата уметница Шејла Камериќ, во соработка помеѓу фестивалот за критичка култура „КРИК“ и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ.

Камериќ е родена во Сараево во 1976 година, а живее и работи во Берлин, Истра и Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево и се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

„Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата исто така има цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде акцент на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата ‘Доаѓаме со поклон’, кое прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс – панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ“, се посочува во најавата за настанот.

Изложбата е во соработка со Националната галерија „Чифте Амам“, за која организаторите велат дека како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции.

„Воедно, во рамките на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, преку кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Преку разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата“, велат организаторите на настанот.

Целта на изложбата, според организаторите е да се отвори критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања, кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

„Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, ‘Мајката е кучка’, други фотографски дела (‘Емабаразада’ и ‘Непознато’), како и дела од сериите ‘Мажена’, ‘Исчезната’ и ‘Дигитални актови’. Исто така, ќе содржи и едно ново дело, ‘Градина со рози’, кое продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од ‘Мажена’, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока. Плетените цвеќиња или поточно рози (цветови исполнети со симболичното значење на љубовта, моќта, убавината, сексуалноста, мистицизмот и жртвувањето) веднаш нè потсетуваат на ‘Hortus conclusus’, мотив од христијанската иконографија, популарен во доцниот среден век и раната ренесанса. Како што тврди Лиз Херберт Мекевој од Универзитетот ‘Свонси’, ‘Идејата да се заштитат жените од грев е неискрена, иако сеприсутна. Во повеќето култури на женската сексуалност се гледа како на опасна од страна на мажите. Со нејзиното затворање тие ја спречуваат таа закана, а истовремено се преправаат дека ги заштитуваат жените од мажите’“, стои во најавата за настанот.