Дневна програма на „СинеДејс“ за 19 јули, понеделник

Денес дневната програма на „СинеДејс“ ќе се одвива во Кино „Милениум“, во градскиот парк, во паркот кај Ибни Пајко, МКЦ парк, „Езерце“ градски парк.

Од 18 часот во кино „Милениум“ ќе започне филмот „Ане ја нема“, кој ја раскажува приказната на Лиде. Лиде работи како обезбедување на локација каде што се гради железничка пруга, проект што има предизвикано бран од протести. Една вечер, по долга ноќна смена, си доаѓа дома и забележува дека ќерка ѝ Ане ја нема. Загрижена, прави претрес низ работите на Ане. Многу брзо ќе сфати дека ќерка ѝ е активистка на радикално политичко движење, вмешано во организацијата на терористички напади. Нема време за губење, мора веднаш да ја најде Ане.

Во 20:30 часот во градскиот парк ќе започне филмот „Грипот на Петров“. Филмот претставува ден од животот на стрип-цртач и неговото семејство во постсоветска Русија. Додека боледува од грип, Петров оди на долга прошетка со својот пријател Игор, при што постојано се движи меѓу фантазијата и реалноста.

Во 23 часот во градскиот парк во склоп на гала програмата ќе се прикаже филмот „Бенедета“, кој ја раскажува приказната на калуѓерка во Италија, во 17 век, која страда од вознемирувачки религиозни и еротски визии. Таа има своја придружничка и односот помеѓу двете жени се развива во романтична љубовна афера.

Во 21 часот во паркот „Ибни Пајко“ ќе се прикаже филмот „Застој“ кој раскажува за Средба меѓу две брачни двојки од две различни социјални класи, кои навидум немаат ништо заедничко. Но една несреќа и трагичен настап судбински ги спојуваат овие луѓе во една ноќ и најверојатно до крајот на нивните животи.

Во 23 часот во паркот во склоп на официјалната селекција, во паркот „Ибни Пајко“ ќе се прикаже филмот „Корзиканско лето“. Во корзиканско планинско селце, секој го искусува летото на свој начин: деца си играат, тинејџери флертуваат, а постарите седат во локалниот паб и си муабетат за поминувањето на времето. Среде августовската горештина, малку треба за да се крене тензија додека едно семејство се труди да го потисне гневот. Понекогаш обична мала искра е доволна да распали сѐ.

Во 21:30 часот во склоп на Гала програмата во Кино МКЦ Парк ќе се прикаже „Јаболка“ – духовита филмска алегорија за силното влијание на емоциите врз човековата меморија и улогата на современата технологија. Арис, самец во доцните триесетти години, станува жртва на необјаснива амнезија, која го зафаќа градот и приморан е да замине на експериментално лекување. Терапијата, која го води Арис да преживее искуства од младоста и раната зрелост, кулминира со средба со Ана, жена која поминува низ сличен третман за амнезија. Нивната средба ќе го натера Арис да ги преиспита своите постапки и да донесе некои нови одлуки.

Во склоп на Гала програмата во 23:30 часот ќе се прикаже „Минари“, филм кој ја следи приказната на едно корејско-американско семејство што се сели на мала фарма на Арканзас, во потрага по својот американски сон. Семејниот дом комплетно се менува со доаѓањето на нивната лукава, вулгарна, но исклучително грижлива баба. Меѓу нестабилноста и предизвиците на овој нов живот на карпестите планини Озарк, „Минари“ ни ја прикажува непобитната издржливост на семејството и суштинското значење на домот.

Во „POPUP“ киното кај „Езерце“ во градски парк, со почеток од 20:30 часот своја проекција ќе имаат филмовите продуцирани во рамки на проектот „72 часа еко филм“, во кој учествуваа млади луѓе, на возраст од 16 до 20 години. Секој тим направи филм за 72 часа на дадена еко тема.

Во 22:30 часот ќе следи проекција на кратките филмови од „БАФТА 2020“ како „Дедо ми беше романтичар“, „Во нејзини чизми“, „Волшебниот брод“, „Азар“, „Златна рипка“ и „Камали“.

„Билетите за 20. CINEDAYS чинат 100 денари, за сите концерти и филмови, освен за филмовите од POP-UP кино, кои се бесплатни. Со секој купен билет за филм, имате и пропусница за cinEmusic програмата предвидена за тој ден“, известуваат организаторите.