ДИЖС утврди дека технички проблем во Цементарница Усје го запраши дел од Скопје

Технички проблеми во постројката за производство на клинкер во Титан Цементарница Усје се причината за прашината поради на која реагирале голем број граѓани до Државниот инспекторат за животна средина.

Инспекторите вчера (11-ти јули), по големиот број пријави од граѓани, а во присуство на Раководителот на инспекторатот на Град Скопје, извршиле детална проверка на погоните во фабриката за откривање на причините за емисиите на прашина кои се случија во изминатиот ден.

„По проверката беше утврдено дека заради технички проблеми, емисиите настанале во постројката за производство на клинкер, при што се случило истекување на материјал од циклон во текот на интервенција за негово одглавување. Настанати се фугитивни емисии на прашина, што содржат варовник и лапорец, суровини што се користат за производство на клинкер“, соопштија од ДИЖС.

Во моментот на инспекцискиот надзор, Титан Цементарница Усје Ад Скопје, со записник била задолжена да достави листинг од континуираниот 24 часовен мониторинг на емисии од стационарните извори, согласно А-интегрираната еколошка дозвола за периодот од 09.07.2021 и 10.07.2021.

Исто така, поради високите температури и атмосферски влијанија со ветер, инспекторите ја задолжиле Титан Цементарница Усје секојдневно со вода од цистерни да врши прскање на внатрешната инфраструктура на цементарата и патот што води до ископот на лапорец над с. Усје.

Постапката за надзор е сѐ уште во тек.