ДИЖС: Отстранета бетонска база што го загадуваше Петровец и околината

По претставка и барање на граѓани на Општина Петровец, инспектор од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во неколку наврати во март извршил надзор во бетонската база „Арадико коп ДООЕЛ, с. Р’жаничино и по утврдување на незаконско работење извршено е отстранување на бетонската база од локацијата и чистење на реката, како резултат на инспекциската постапка, информираат од ДИЖС.

„Бетонската база работела врз основа на Елаборат за заштита на животната средина, што Министерството за животна средина го одобрил за проектна документација со предвиден силос за цемент со волумен до 50м3. Но, базата работела со два силоси од по 50 тони, за кој капацитет било неопходно издавање на Б интегрирана еколошка дозвола, што не била обезбедена“, соопштуваат од ДИЖС.

Тие додаваат дека покрај функционирањето без соодветна дозвола, од базата и од тешките товарни возила, како што велат, се ослободувале емисии во воздухот, бучава и вибрации, а дополнително, вишокот на бетон од цистерните се исфрлал во река.

Оттаму порачуваат дека „домаќинствата од блиската населба може да здивнат заради отстранувањето на овој загадувач што долги години бил причина за нарушување на нивното здравје и квалитет на живот“.