Дизајнерот Гоце Митевски ја дигитализираше „Бушава азбука“

„Ја дигитализирав „Бушава азбука“ во чест на Горан Стефановски и Душан Петричиќ“.

Со оваа порака, дизајнерот Гоце Митевски на социјалните мрежи го најави своето дело – дигитализирана верзија на култната „Бушава азбука“, за таа да остане во наследство и за идните генерации. Дигиталната верзија ги содржи видеата и појаснувањата за секоја буква во македонската азбука.

„Јас пораснав со „Бушава азбука“. И додека бев дете и денес, сметам дека „Бушава азбука“ е едно од најзначајните дела за македонскиот јазик и македонската култура воопшто. Сѐ уште сум фасциниран од талентот на Горан Стефановски и леснотијата со која успеал на најсликовит можен начин да ги опише формите на буквите од нашата азбука и да продре во детските срца. Се разбира, со помош на безвременските илустрации на Душан Петричиќ и маестралната екранизација на Слободан Унковски. Сметам дека дигитализацијата на „Бушава азбука“ е логичен чекор кон зачувување на културното наследство на нашата држава. Ова дело треба да биде што е можно подостапно, а преку електронските медиуми, денес тоа е остварливо многу лесно“, објаснува дизајнерот.

Како што вели Митевски, се трудел преносот да е што е можно поавтентичен, но сите што ќе забележат недоследности, слободно може да ги пријави како проблем. Изворниот код е достапен за проучување: https://github.com/gocemitevski/bushava-azbuka

„Најголемиот предизвик беше да се прилагоди визуелниот дизајн за да одговара на форматот што е соодветен за презентација на Интернет и на уреди со екрани во различни големини. Распоредот на содржините во книгата е хоризонтален, но на екран обично нема толку широка површина што е на располагање. Мораше да направам некои прилагодувања и за да може презентацијата да се додава како апликација на мобилни уреди непречено. Останататата работа беше релативно едноставна. Скенирање на печатеното издание и препишување на текстуалните делови“, додава Митевски.

Дигиталната верзија на „Бушава азбука“ може да се види на овој ЛИНК.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.