„Диво месо“ премиерно како танцово-музичка адаптација на сцената на МНТ

Македонскиот народен театар (МНТ) ја најавува премиерата на танцовата претстава „Диво месо“, современа сценска адаптација на култното драмско дело од Горан Стефановски. Премиерата ќе се одржи на 27 март, на Светскиот ден на театарот, со почеток во 20 часот на големата сцена на театарот.

Режијата ја потпишува Борче Начев, додека кореографијата е дело на Александра Кочовска-Начева и Елена Антонова-Петровиќ. Композитор на музиката е Албин Сопа, кој создава силен звучен пејзаж што го следи емотивниот тек на сценската акција. Претставата „Диво месо“ прераснува во танцово-музичко сценско дело во кое текстот се трансформира во движење, гест и телесна експресија. Преку современ танц и физички театар, претставата отвора длабоки прашања за човековата состојба, ставајќи го поединецот пред стравот, сиромаштијата и моралната ерозија.

Претставата не се задржува само на историскиот контекст, туку ја актуализира приказната, поврзувајќи ја со современите општествени кризи и неизвесности. Телото станува централно изразно средство – симбол на ранливост, но и на отпор, преку кое се отсликува реалноста на општеството.

Премиерата на „Диво месо“ е ко-продукциски проект реализиран во соработка со МНТ и АРТ КУЛТ-УРА!, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Со овој проект, театарот испраќа порака за значењето на сцената како простор за критичко преиспитување, отпор и катарза.

Билетите за претставата се веќе достапни онлајн на веб-страницата на МНТ, како и на билетарницата на театарот.