ДИК прими над 2 000 приговори за гласањето на парламентарните избори

До Државната изборна комисија стигнаа вкупно 2 142 приговори за гласањето на парламентарните избори кои се одржаа во средата, на 15 јули. Рокот за приговори истече вчера во 19:30, а комисијата треба во следните 72 часа да одговори по приговорите.

Притоа, најмногу приговори стигнаа од партијата Левица која поднесе 1 982 приговори. Алијанса за Албанците и Алтернатива 151 приговор, а ВМРО-ДПМНЕ два приговори за сумирањето на резултатите од гласањето.

Вчера ДИК преку соопштение на својата веб страница ги коригираше резултатите од изборите кои беа објавени на 16 јули. Корегиран е вкупниот број на избирачи кои гласале за 1.416 повеќе од првично објавената бројка, а се додадени и уште 98 неважечки гласачки ливчиња. Посочуваат дека се работи за исправка на технички грешки. Така, со корекцијата, вкупниот број избирачи кои гласале изнесува 943.750, а вкупниот број неважечки гласачки ливчиња 31.564.

[Визуелизација] Како ќе изгледа новото македонско Собрание

Десеттите парламентарни избори завршија со одзив од нешто над 51, 34%. Право на глас имаа 1.814.263 гласачи кои можеа да гласаат на 3.480 избирачки места, за кандидатски листи на 15 коалиции и партии. За првпат во македонската историја се гласаше во среда, по посебен протокол за заштита од новиот коронавирус.