Дигитализирана постапката за признавање странски дипломи, од утре документи ќе се поднесуваат само онлајн

Министерството за образование и наука информираше дека лицата кои имаат потреба од признавање на странски дипломи и образовни квалификации од утре (4 ноември) ќе можат да ја користат оваа услуга исклучиво по електронски пат.

Поднесување на барање за нострификација/еквиваленција на образовни квалификации стекнати надвор од Република Северна Македонија, заедно со сите неопходни документи согласно постоечките правните прописи, како и електронско плаќање ќе се врши преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk.

Изработениот позадински софтвер овозможува електронско водење и решавање на предметите од страна на комисиите во Министерството за образование и наука и на овој начин значително се крати времето, но и дел од трошоците кои настануваат при користењето на оваа услуга.

„Процесот на дигитализација на образованието и на образовните услуги и понатаму ќе биде една од приоритетните цели во програмските определби на Владата и Министерството за образование и наука, а со цел модернизација и интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор. Во иднина и низа други услуги ќе бидат дигитализирани, за што јавноста навремено ќе биде информирана“, додаваат од МОН.