ДИЦ: Обврските од договорот за матурата ќе бидат исполнети, учениците не треба да се грижат

Државниот испитен центар уверува дека целосно ќе бидат исполнети обврските што произлегоа по договорот помеѓу Сојузот на средношколци и надлежните институции во однос на државната матура.

„Училишните матурски предметни комисии предвидено е да подготват минимум три пати повеќе испитни задачи (без решенија) во согласност со застапеноста и видовите на задачи пропишани во испитната програма по секој соодветен предмет и истите, минимум три седмици пред полагањето јавно да ги објават. Од тие испитни задачи потребно е да биде изготвен тестот за интерните испити“, појаснуваат од ДИЦ.

Оттаму посочуваат дека тие ги известиле сите средни училишта за овие насоки уште на 11 март.

„Учениците не треба да имаат грижа во тој дел, туку нивниот фокус да биде насочен кон повторување на досега стекнатите знаења со цел успешно заокружување на оваа етапа од воспитно – образовниот процес“, велат од ДИЦ.

Нивното соопштение доаѓа откако Сојузот на средношколци реагираше дека училишта одбиваат да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања за претстојната матура.

Според договорот помеѓу надлежните институции и Сојузот, училиштата се должни да ги објават материјалите за интерните испити најдоцна три недели пред денот на испитот и тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања.

„Матурантите го информираа Сојузот дека одредени професори од некои средни училишта изјавиле дека нема да почитуваат одредени точки во договорот постигнат меѓу нас. Ова е неприфатливо. Станува збор за следниве училишта: СОУ „Ѓорче Петров“, СОУ „Орде Чопела“, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, СОУ „Јосип Броз Тито“ -Битола, СОУ „Др. Јован Калаузи“, СОУ „Св. Клименти Охридски“ – гимназија Охрид, СОУ „Никола Штејн-Тетово“ и СОУ „8-Септември-Тетово“, стои во реакцијата на Сојузот.

Државната матура официјално ќе започне на 5-ти јуни и на неа ќе се полагаат по два екстерни и интерни предмети.