Девет студенти се приведени, активистите се револтирани

Загриженост, револт и реакција за синоќешното приведување на деветмина студенти, од кои на осуммина им беше одредена мерка притвор и се наоѓаат во затворот во Шутка, а еден е во куќен притвор, потврдија од Хелсиншкиот комитет за човекови права за Нова ТВ.

Студентите се товарат за учество во толпа и спречување на полициски службеници во вршење на работата. Според директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, студентите веднаш по апсењето биле изведени пред истражен судија. Станува збор за кривично дело што се казнува од три месеци, до три години и во принцип за ова дело не се определува мерка притвор.

„Од решенијата кои ни се доставени е јасно дека воопшто не била разгледана друга можност, односно алтернативни мерки. Одлуката да им се определи мерка притвор била донесена веднаш бидејќи веднаш биле изнесени пред истражен судија. Изјавите на нивните родители говорат дека биле уапсени со употреба на специјални сили, со зголемена употреба на физичка сила“, вели Пировска.

Таа додаде дека сите од приведените се неосудувани досега и единственото образложение што е наведено од полицијата е да се спречи повторно кривичното дело, односно нивното учество во понатамошните протести.

Според активистот Здравко Савевски, студентите мирно протестирале, а се приведени по случаен избор за да се создаде страв меѓу студентите граѓаните кои протестираат.

Активистите нагласија дека протестите против полициска бруталност, ќе продолжат и денеска, во 18 часот. Збирно место е споменикот на ослободителите на Скопје, кој се наоѓа до Владата. Од Хелсиншкиот комитет апелираат секој кој ќе биде приведен од полицијата да се брани со молчење и да побара бесплатна правна помош од Комитетот.