Студентите учеа седнати на „Партизанска“, двајца повикани во полициска станица

Неколку десетици студенти, нешто по 23:00 часот, како што претходно најави Студентскиот пленум, се појавија во библиотеката „Браќа Миладиновци“, а дел веќе беа тука, зашто во читалните ги подготвуваа своите испити, и сите заедно излегоа и го блокираа булеварот „Партизански одреди“. Тие организирано седнаа на асфалтот од булеварот, ги отворија своите книги, како најсилно оружје и, започнаа да читаат на изненадување и ужас на возачите кои во тие моменти пристигнаа до „студентската точка“.

Свирењето на сирените на автомобилите и по некој лош и бучен глас од лути возачи, не ги поколеба студентите. По неколку минути се појави сообраќајната полиција која го затвори булеварот и овозможи автомобилите да се вратат кон крстосницата со булеварот „Свети Климент Охридски“.

Во меѓувреме, Студентскиот пленум соопшти дека полицијата вечерва контактирала двајца студенти и ги повикала на информативен разговор. Неофицијално, тие се изведени пред истражен судија, а на едниот студент му бил одреден и притвор, по што е задржан во полицијата. Од Пленумот апелираат до студентите кои во иднина ќе бидат повикани на сличен начин, да прашаat зошто се повикани на разговор, да не разговараат понатаму со никого во полициските станици и да се бранат се со молчење се додека не е присутен адвокат или правник, како и да не потпишуваат никакви изјави.

Од Студентскиот пленум велат дека со потегот на „Партизанска“, тие испраќаат пораката до МВР и полицајците дека има млади луѓе кои учат и по 23 часот, со што потсетија на вторникот, кога по протестите пред Владата, во истото време од ноќта, полициски специјалци упаднаа во читалните од „Браќа Миладиновци“ во потрага по демонстранти. Притоа беа повредени неколку студенти, а повеќемина доживеаја шок. Во тие моменти, како што раскажуваат студентите, полицајците изразиле неверување дека тие не се демонстранти, затоа што, како што викнале неколкумина специјалци – „Кој учи во 11 часот навечер“!?