Детектирани преку 15 диви депонии кои се спуштаат во Охридското Езеро

Над 15 диви депонии биле детектирани минатиот викенд во околината на автокампот Ливадишта во Општина Струга, при акцијата спроведена во рамките на фестивалот „Аларм за природата 2018“ во организација на здружението „Бивиум“.

Организаторите информираат дека голем дел од депониите се наоѓаат во непосредна близина под патот кој ги поврзува селото Радожда и населбата Елен Камен и содржината од депониите се спушта директно во Охридското Езеро претставувајќи сериозна закана за неговиот биодиверзитет.

Мапа со депонии (Радожда – Калишта)

Тие додаваат дека за ова се информирани одговорните лица од Општина Струга и дека депониите ќе бидат отстранети во некоја од наредните акции за чистење во општината.

Мапирањето на дивите депонии е дел од глобална акција на движењето „Let’s do it!“, а во Република Македонија се спроведува по иницијатива на граѓанското здружение Гоу Грин од Скопје, во пресрет на Светскиот ден на чистење кој ќе се одржи за прв пат ширум светот на 15 септември 2018 година.

„Граѓаните можат да се вклучат во акцијата за мапирање на диви депонии и со употреба на апликацијата изработена за оваа намена и својот мобилен телефон, активно да придонесат за побрзо решавање на овој глобален проблем“, изјави Кирил Шентевски, координатор за мапирање од здружението Гоу Грин.