„Денови на шпанска литература“ во ДПМ

Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) ја организира манифестацијата „Денови на шпанска литература“ што ќе се одржи во петок (26 мај) во свечената сала на ДПМ со почеток од 11 часот.

„Манифестацијата ќе започне со блокот  ‘Поезија од Лорка“, во интерпретација на Лилјана Стоилковска и учениците од гимназијата ‘Јосип Броз Тито’ од Скопје. Потоа со поздравна реч ќе се обрати претседателот на Друштвото, Христо Петрески и Хосе Луис Лосано Гарсија, амбасадорот на Кралството Шпанија во РС Македонија“, информираат оттаму.

На свеченоста со свој осврт за  за објавените шпански автори и дела на македонски јазик ќе се обрати д-р Марина Мијаковска од Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Скопје.

Во рамки на настанот ќе бидат врачени и признанија за преводите од шпански на македонски јазик и од македонски на шпански јазик на проф.д-р Огнена Никуљски, на амбасадорот Хосе Луис Лосано Гарсија и заменик шефот на Мисијата, Ернесто Хередеро дел Кампо – за презентацијата, афирмацијата, размената и соработката на шпанската и македонската книжевност, уметност и култура.

Манифестацијата ќе заврши со трибина на тема “Подотворениот прозорец кон Шпанија и шпанската литература” на која ќе учествуваат проф.д-р Христо Петрески (модератор), проф.д-р Огнена Никуљски, проф.д-р Кристина Николовска, проф.д-р Александар Прокопиев, проф.д-р Наташа Сарџоска и м-р Стефан Марковски.

Од ДПМ соопштуваат дека од 25 мај до 10 јуни, во книжарниците во Скопје и Републиката ќе има промоции и попусти на книгите од шпански автори.