„Демонополизација и декриминализација, пристап до канабис“ – настан во „Дуња“ на 6 октомври

Во просториите на Социјалниот центар „Дуња“ на 6 октомври (недела) од 18 часот ќе се одржи отворен состанок на тема „Демонополизација и декриминализација, пристап до канабис за лична употреба и медицински цели“.

Состанокот го предводи Здружението „Билка“ со поддршка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Плоштад Слобода, 02 Иницијатива, Коалиција Маргини, активисти од неформални иницијативи, засегнати граѓани и други.

Моментално актуелен е Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, чиј текст пред два дена го утврди Владата на своја седница.

Со Предлог-законот се регулираат дејностите со медицинскиот канабис, а од Владата, меѓу другото, рекоа дека утврдениот текст ќе биде ставен на јавна расправа.

Предлог-законот наиде на повеќе реакции во јавноста, а Здружението „Билка“ уште пред еден месец го окарактеризира како лош и рестриктивен, кој, како што рекоа, доколку се усвои во пракса ќе значи дополнително монополизирање на медицинскиот канабис, како и можност за занимавање со овој бизнис само за шака привилегирани.