Влада: Одгледување медицински канабис само на правни лица со согласност од Влада

Владата на Република Северна Македонија информира дека на вчерашната 156-та седница го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги, со кој се регулираат дејностите со медицинскиот канабис.

Од Владата велат дека целта е на Предлог-законот е „спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, спречување на недозволено производство и промет на опојни дроги, психотропни супстанции и растенија од кои може да се добие опојна дрога, и супстанции кои можат да се употребат за производство на опојни дроги или психотропни супстанции и заштита на животот и здравјето на луѓето и контрола на опојните дроги и психотропните супстанции“.

„Предлог – законот, меѓу другото, предвидува одгледувањето на канабис за медицински цели да биде дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис донесено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата, како и дека секоја измена во сопственичката структура треба да биде одобрена од страна на Владата“, соопштуваат од Владата.

Понатаму, потенцираат дека во текстот на предлогот за закон во оваа дејност се наведува дека компаниите, кои ќе се стекнат со лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат средства во висина од 10% од вкупниот износ без пресметан ДДВ на излезната фактура за продажба на производи согласно овој закон, на соодветна сметка, кои се приход на Буџетот на Република Северна Македонија.

„За овие средства, како прилив во Буџетот на државата, Владата на Република Северна Македонија ќе донесува посебна програма за нивната намена и начинот на користење во која приоритет ќе имаат лековите за ретки болести и други приоритети во здравствената заштита“, стои во соопштението на Владата.

Дел од овие средства, велат од таму, ќе бидат наменети и за одржливо финансирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели, како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, која се предвидува да биде основана согласно овој предлог-закон.

„Утврдениот текст на предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции ќе биде ставен на јавна расправа“, велат од Влада.

Инаку, Здружението „Билка“ веќе реагираше дека без консултација со невладин сектор и активисти се готви Нацрт-законот. „Билка“ законот го окарактеризира како исклучително лош, кој, како што рекоа, доколку се усвои, во пракса ќе значи дополнително монополизирање на медицинскиот канабис, како и можност за занимавање со овој бизнис само за шака привилегирани.

„БИЛКА“: Власта изготви порестриктивен нацрт-закон за канабис, бизнисот ќе оди кај шака привилигирани