[Корегирано] Демнењето и насилството врз новинари го поминаа првиот собраниски филтер за влез во Кривичниот законик

*Корекција – Во првично објавената вест погрешно беше напишано дека е променет Кривичниот законик. Извршена е промена на веста со тоа што Предлог законот за измена на Кривичниот законик ја помина фазата на прво читање и повторно ќе се најде пред пратениците во следниот период за конечно изгласување.

Едногласно, со 85 гласа „за“, вчера Собранието на Северна Македонија ги помина на прво читање измените на Кривичниот законик со кои се предвидуваат воведување на ново кривично дело „демнење“, се инкриминира сексуалното вознемирување како кривично дело, се воведува родово сензитивен речник во Законикот, а се воведуваат и кривични дела кои се поврзани со безбедноста на новинарите.

Најголемиот дел од предложените измени и дополнувањата на Кривичниот законик се во однос на одредбите со кои се имплементира Истанбулската конвенција. Се прецизира семејното насилство, а за прв пат се дефинира родово базираното насилство врз жените, односно „насилство насочено против жената поради нејзина припадност на женскиот род што доведува или може да доведе до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот“. Измените предвидуваат и повисоки казни за делата кои се извршени или се последица на родово базирано насилство.

Со членот 16 од Кривичниот законик се пропишува ново кривично дело „Демнење“ со кое е пропишана парична казна или затвор до три години за оној што „повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице“. Доколку пак делото е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете, пропишана е казна затвор од шест месеци до пет години.

Во контекст на усогласување со Истанбулската конвенција е и предложеното ново кривично дело „Полово вознемирување“ при што, е пропишана парична казна или затвор до една година за „оној што со вербално или физичко дејствие, кое има директно или индиректно, реално или симболично значење на наведување, непристојна понуда, намамување, изразување полова страст или друго дејствие кое јасно потсетува на полов однос или други со него изедначени полови дејствија, ќе вознемири лице кое му е подредено или спрема него се наоѓа во однос на зависност, друго лице на работа или на јавно место или лице што е ранливо поради возраст, болест, попреченост, зависност од дроги, бременост или тешки телесни или душевни пречки, и со тоа ќе го повреди неговото достоинство, предизвикувајќи чувство на непријатност, навреденост, понижување или страв“.

Во делот на заштитата на новинарите во вршењето на нивните работни задачи се предвидуваат построги казни за кривичните дела „Убиство“, „Присилба“, „Загрозување на сигурноста“ и „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ доколку овие дела се сторени кон новинари или медиумски работници.