Напад врз новинар ќе се смета како напад врз службено лице, Министерот Маричиќ ги соопшти измените во Кривичниот законик

Нападот врз новинар ќе се смета како напад врз службено лице, а се намалуваат и казните за клевета и навреда, соопшти Министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој информираше за законските измени кои биле усвоени на последната владина седница.

Со дефинирање на нападите врз новинарите како напади врз службени лица, Министерот посочи дека ќе се зголеми безбедноста на новинарите, снимателите и фоторепортерите.

„Во иднина нападот врз медиумските работници ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни и за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина Обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на здруженијата на новинари, чии претставници активно учествуваа во Работната група која ги подготвуваше измените на Кривичниот законик“, кажа Маричиќ.

Министерот посочи дека со овие законски измени сакаат да покажат дека имаат нема да се толерираат било какви обиди за загрозување на слободата на говорот и изразувањето.

„Ставаме крај за можноста за едни минати пракси на некзанивост за насилствата врз новинарите. Пракси кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичката и институционалната одмазда поради професионално вршење на својата работа“, додаде Министерот.

Министерот на прес-конференцијата објави и измени на повеќе закони, меѓу кои и на Законот за граѓанска одговорност, со кој значително се намалува висината на казните кои медиумите и новинарите би ја платиле како оштета за клевета и навреда. Од максимални 2.000 евра, со измените оваа сум се спушта до максимални 400 евра.