Дебата на студентските лидери: Младите да добијат шанса да се вклучат во институциите

Креирање на прва студентска платформа за општествена одговорност поддржана од македонските компании која ќе се презентира пред стопанските комори и нивно вклучување за поддршка на студентите. И иницијатива до владините институции и општините за вклучување на студенти во својата работа преку која заеднички ќе влијаат за подобрување на јавните услуги за граѓаните.

Ова се барањата на студентските лидери на јавната дебата „Билет во еден правец – Дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“ организирана од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Претседателот на УСС УКИМ, Славчо Темелковски за време на дебатата истакна дека мора да се да се проба и да се даде шанса на секој млад човек, и да се вклучуваат младите во процесите за да се смени менталниот склоп на системот.

„Кучињата лаат, караванот си врви, односно гледаме многу зборување, а малку акција и реализација. Во меѓувреме младите си одат, а институциите продолжуваат како ништо да не се случува. Затоа, заедно со ИДУЕП иницираме максимална вклученост и инволвираност на заинтересираните млади во носењето на институционални одлуки, менување на системот одвнатре и со конкретни чекори и решенија, поддржани најмногу од дигитализацијата. Ваквите промени треба да се случат што поскоро, а владините и општинските институции треба да дозволат дел од работите да ги водат оние кои се во тек со актуелните работи – а тоа се
младите“, посочи Темелковски.

Студентската правобранителка на УКИМ, Викторија Постоловска забележа дека држава која младинските политики ги занемарува и игнорира, е држава која полека изумира.

„Младите не само што треба да ги надраснат длабоко вкоренетите дисфункционални системи, туку и транспарентно да се изјаснат против нив. И тука огромна одговорност лежи кај одговорните лица за младински политики во институциите, а особено во јавните институции кои имаат надлежности во делот на младите. Од нив е потребно конечно да видиме конкретни мерки за подобрување на положбата на младите во општеството“, децидна беше Постоловска.

Со сличен став е и Бленди Ходаи, претседател на Форумот за образовни промени.

„Доста беше времето каде само се зборува за младите, сега е време да се направат конкретни работи и
чекори и да се даде шанса директно на младите да го сменат општеството на подобро“, нагласи Ходаи.

Претседателката на Факултетското собрание (ФСС) при Факултетот за ликовни уметности, Милена Петковска рече дека сепак не сите млади сакаат да ја напуштат државата и многу од нив се залагаат за градење на подобра иднина дома.

„Сепак, иселувањето е комплицирана одлука и тие што си заминуваат од државата имаат различни мотиви и причини. Како држава која има минато со нестабилност и превирања, сето тоа создава чувство на несигурност што пак е една од мотивациите за младите да бараат постабилни и предвидливи услови за живот на друго место“, поентираше Петковска.

На дебатата присуствуваа и претседателот на ФСС на Економскиот факултет во Скопје, Александар Николовски, студент на Универзитетот „Американ колеџ“ Кирил Панов, комуниколог и координатор на Програма во ИДУЕП Бојан Кордалов, и пратеничката Моника Зајкова.