Дански министер поднесе оставка поради наредбата за убивање на 17 милиони куни

Данскиот министер за храна и земјоделие Могенс Јенсен соопшти дека ќе се повлече од функцијата поради недоверба од пратениците, по незаконската владина наредба за убивање на 17 милиони куни во фармите низ земјата, пренесува српски „Н1“.

„Денеска го информирав премиерот дека сакам да дадам оставка од функцијата во владата. Разбирам дека ја немам потребната поддршка меѓу пратениците“, објави Јенсен на Твитер, во текот на вчерашниот ден.

Неговиот потег се случува во време на најголемата криза на владата од почетокот на пандемијата, откако министерот нелегално нареди убивање на сите куни одгледувани во фарми, за да се спречи ширењето на коронавирусот, вклучително и новиот мутиран вид.

Пред две недели, владата и нареди на војската и полицијата да им помогнат на сопствениците на фармите со куни за да убијат 17 милиони единки од овие животни што се одгледуваат за крзно.

Драстичната одлука на владата уследи откако здравствените власти соопштија дека одгледувањето на куните претставува ризик за јавното здравје во земјата, поради широко распространета зараза на фармите, која била влошена со пронаоѓањето на нов мутиран вид на вирус, за кои велат дека може да ја загрози ефиканоста на идните вакцини.

Опозициските партии ја поздравија одлуката на Јенсен, но сега го свртија вниманието кон премиерката Мете Фредериксен, за која велат дека исто така е одговорна, и побараа независна истрага за владините постапки.

Според истражување кое го спровело универзитетот во Архус, по наредбата, во последните неколку недели опаднала довербата на Данците во владата.

Данска ќе убие 17 милиони куни поради страв од коронавирусот