Данска ќе убие 17 милиони куни поради страв од коронавирусот

Околу 17 милиони куни ќе бидат убиени во Данска, откако мутирана верзија на коронавирусот што може да се пренесе и на човекот, беше откриена на една од фармите за куни.

Премиерката на Данска, Мете Фредериксен истакнала дека мутираниот вирус претставува ризик за ефективноста на вакцината против ковид-19. Данска е најголемиот производител на крзно од куни во светот.

Од данските безбедносни служби соопштиле дека убивањето на животните треба да се случи што е можно побрзо.

Случаи од коронавирусот биле детектирани на фармите за куни во северниот регион на Данска, но и во други делови од Европа веќе неколку месеци.

Во Данска се случува раст на новозаразени лица, па пет случаи од новата мутирана верзија на вирусот биле пронајдени на фармите. Досега од новата форма на вирусот биле заразени 12 лица.

Премиерката додала дека ситуацијата е многу сериозна, бидејќи мутираниот вирус го намалува производството на антитела во телото, со што потенцијално се намалува ефикасноста на вакцината која уште е во процес на тестирање.

„Имаме голема одговорност кон нашата нација, но откако беше пронајдена муираната верзија, имаме и голема одговорност кон светот“, изјавила премиерката на пресконференција.

Ќе бидат убиени куни кои живеат на повеќе од 1000 фарми во Данска.

Во јуни, Шпанија уби над 100,000 куни откако беа забележани случаи на коронавирусот во регионот Арагон, а десетици илјади животни беа убиени во Холандија откако се случија големи зарази на тамошните фарми.

Во фаза на изработка се и студии кои треба да откријат зошто куните се способни да се заразат и да го пренесуваат вирусот.

Извор: BBC