Дамјан Давков освои златен медал на Јуниорската балканска математичка олимпијада

Младиот математичар Дамјан Давков освои златен медал со максимален број на поени на 27. Јуниорска балканска математичка олимпијада.

„Покрај златниот медал, освоени се еден сребрен медал, од Ивано Божиновски и еден бронзен медал од Андрија Младеновиќ. На ЈБМО 2023 државата успешно ја претставија уште Никола Стојковски, Јаков Геговски и Андреј Тасиќ“, информираа од Сојузот на математичари на Македонија (СММ).

Тимот математичари го подготвувале менторите Анастасија Трајанова, Илија Јовчески, Лука Хаџи Јорданов, Мирко Петрушевски, Виктор Симјаноски и Делчо Лешковски, претседателот на комисијата за ЈММО и меѓународни натпревари до 15,5 години.

„Уште една радосна вест е што една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше Македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот Никола Велов“, соопштија од СММ.

Во наредните денови, додаваат од Сојузот, на нивната веб-страна ќе бидат споделени материјалите од подготвителните часови кои ги посетуваа одбрани ученици во склоп на Олимписката школа Александар Блажевски-Цане.