Да се соочиме со аргументите – Професорскиот пленум повикува на ТВ дебата

Професорскиот пленум преку својата Фејсбук страница ги повика на ТВ дебата поддржувачите на законот за високото образование, Министерството за образование и наука, контра-пленумците и Владата да се соочат со аргументите.

Претходно професорите и студентите имаа заеднички пленум пред Собранието. Тие доставија писмо до пратениците со кое ги повикаа да донесат одлука за повлекување на предлогот за воведување на државен испит на универзитетите од собраниска процедура, кој на 29-ти декември се најде на дневен ред во Собранието.

Но, предлог законот ќе продолжи на второ читање на закажаната седница на Комисијата за образование, наука и спорт на 8 јануари во 10 часот.

Воедно, денеска министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми испрати покана до ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски за средба со Интеруниверзитетската конференција во понеделник во хотелот „Александар Палас“ со цел размена на мислења и аргументи за квалитетно образложување и дебата за реформите.

Покрај членовите на Интеруниверзитетската конференција ќе биде овозможено и присуство по петмина професори кои со своите изнесени ставови во јавноста изразија забелешка и несогласување со реформите, но и по петмина професори кои дадоа поддршка на реформите во високото образование. Професорите ќе ги определи самата Интеруниверзитетска конференција.