Адеми ја покани Интеруниверзитетската конференција на средба во понеделник

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми испрати покана до ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски за средба во понеделник во хотелот „Александар Палас“ со цел размена на мислења и аргументи за квалитетно образложување и дебата за реформите.

„Водејќи се од принципите на транспарентност и отвореност, како дел од дебатата за реформите кои се спроведуваат во високото образование во Република Македонија и кои во својата суштина го имаат обезбедувањето на повисок степен на знаења и вештини за студентите, дополнителен квалитет на работата на наставниот кадар и на образовниот процес, односно генерално подобрување на квалитетот на високото образование, Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука доставија покана до членовите на Интеруниверзитетската конференција за организирање средба за размена на мислења и аргументи за квалитетно образложување на реформите и дебата“, се вели во поканата.

Покрај членовите на Интеруниверзитетската конференција ќе биде овозможено и присуство по петмина професори кои со своите изнесени ставови во јавноста изразија забелешка и несогласување со реформите, но и по петмина професори кои дадоа поддршка на реформите во високото образование. Професорите ќе ги определи самата Интеруниверзитетска конференција.