Да се ослободат од работа самохраните родители и оние кои работат во ист сектор, повика Филипче

Самохраните родители и оние кои работат во ист сектор, да бидат ослободени од работа поради грижа на децата, повика министерот за здравство Венко Филипче.

Неговата препорака доаѓа откако вчера првично беше соопштено дека мерката за ослободување од работа нема да важи за вработените во здравството, полицијата, војската и пожарната управа. Тој соопшти дека на денешната владина седница ќе се разгледува опцијата и за царинската управа.

„Доколку двајцата родители работат во рамките на ист сектор, ќе треба едниот да биде ослободен од работа. И самохраните родители, исто така, треба да се ослободени од работа“, препорача Филипче.

Покрај ова, мерките важат и за родителите на децата што се сместени или добиваат услуги во центрите за попреченост.

Напомена дека мерките се однесуваат и за приватните и државните компании, а во случаи да не се почитуваат, ќе следуваат санкции.

МТСП: Доколку работодавачот не дава отсуство за родител на дете под 10 години веднаш да се пријави на 151 31

Отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува. Потврдите ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата, додаваат од Министерството.

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информираат дека во наредните 14 дена, ослободени од работа и работни активности треба да бидат и лицата со: хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, Дијабет ТИП 1, малигни заболувања, како и оние со имуно-компромитирачки состојби. Тие треба да приложат потврда од лекар специјалист.

Покрај ова, ослободени од работа и работни активности треба да бидат и бремените жени.

Засега на Клиниката за инфективни болести има седум пациенти со корона вирус и сите се со стабилна состојба и со лесна клиничка слика, соопшти Филипче. Во моментов се тестираат 12 пациенти, двајца на Клиниката кои имале знаци за грип, а претходно патувале во Италија и се вратиле пред пет дена.